Search

Жителите очајни: Венеција без туристи е мртов град

Од познатиот плоштад Свети Марко исчезнаа и гулабите бидејќи нема кој да ги храни. Исплашени од коронавирусот, странските туристи ја напуштија Венеција, еден од нивните омилени италијански градови. Многу локални жители сакаат да се вратат.

„Венеција е мртов град без туристи“, вели 66-годишниот гондолиер Мауро Самбо, кој е во овој бизнис од 1975 година.

„Дури и со овие отстапки – кој ќе оди на пловидба со гондола? Тоа го прават странците, а не локалното население“, вели брадестиот гондолиер чистејќи ја својата гондола закотвена во близина на Дуждовата палата. Италијанската влада објави дека нема да ги отвори границите до 3 јуни.

Околу Големиот канал владее мртва тишина. Украсените палати од двете страни на каналите, луксузните хотели и културните институции се затворени.

Туризмот учествува со 13 отсто во италијанскиот БДП. Во тој сектор се 15 отсто од сите работни места во земјата. Во Венеција тоа е многу поизразено. Дури 65 отсто од граѓаните работат во туризмот.

„Влијанието на коронавирусот врз странските пристигнувања, кои сочинуваат 85 отсто од туризмот во градот, е погубено многу повеќе отколку во другите дестинации, кои имаат повеќе домашни отколку странски туристи“, рече Паола Мар од градската туристичка канцеларија.

„Ова е војна, а ние и порано преживеавме војни“, тврди 47-годишниот градежен работник Франческо Пецин, пишува хрватски „Индекс“.

„Ќе го надминеме тоа благодарение на нашиот претприемачки дух, но туризмот ни е неопходен“, додава тој.

И покрај сите приговори, враќањето на туристите е приоритет, вели Мар.

Треба да знаете
Последни објави