Search

ЕУ: Нов почеток на солидни основи

Претседателите на четирите најважни институции на Европска Унија – Европски совет, Комисијата, Парламентот и Централната банка на денешната церемонија во Брисел го одбележаа почетокот на мандатот како и десетгодишнината од примена на Лисабонскиот договор.

Десетгодишнината од стапување во сила на Лисабонскиот договор, што е уставна рамка на ЕУ, се совпадна со почетокот на новиот петгодишен мандат на ЕУ институциите.

Новоизбраните претседатели Давид Сасоли, Шарл Мишел, Урсула фон дер Лајен и Кристин Лагард во Музејот на историја на Европа симболично примија копии на Лисабонскиот договор.

– Ние сме чувари на Договорот и лисабонскиот дух. Наша е одговорноста да ја оставиме ЕУ посилна отколку кога ја добивме, истакна претседателката на ЕК, Фон дер Лајен.

Лисабонскиот договор е потпишан на 13 декември 2007 година од страна на лидерите на земјите-членки на ЕУ, а стапи во сила на 1 декември 2009 година. Тој е дополнување на Договорите за Унијата и се однесува на институционалното функционирање и претставува уставна рамка на ЕУ.

– Лисабонскиот договор го отвори патот кон посилна интеграција и демократија на ЕУ, посочи претседателот на ЕП, Сасоли.

Додека претседателот на Европскиот совет, Мишел наведе дека Лисабонскиот договор предвидува напредување на Унијата, нејзина ефикасност и демократија.

– Тој и по десет години останува инструмент за решавање на проблемите со кои денес се соочуваме. Денес славиме нов почеток со ентузијазам и надеж бидејќи новата фаза од пет години ја почнуваме на солидни основи, истакна Мишел.

Претседателката на Европска централна банка, Лагард потенцира дека има многу симболика во денот кога се четворица новоименувани претседатели на ЕУ институциите, од кои две се жени, се заедно на почетокот на мандатот во Музејот на историјата на Европа.

– Ако не знаете каде одите запрашајте се од каде доаѓате и ќе ги добиете одговорот, посочи Лагард.

Во ЕУ секои пет години се одржуваат паневропски избори на кои се избира новиот состав на ЕП, а потоа се именуваат првите луѓе на ЕУ институциите и новиот состав на ЕК.

Треба да знаете
Последни објави