Search

ЕСЕ: За да се избегне неконтролирано ширење на ковид-19 во Шуто Оризари, бараме итно да се преземат мерки

Неколку здруженија побараа итно да се преземат мерки во Шуто Оризари откако е потврден првиот случај на заболен со коронавирус во оваа скопска општина.

„По најновите случувања во општината Шуто Оризари, односно откако беше дијагностицирано лице позитивно на Ковид-19, три семејства со повеќе членови се ставени во задолжителна само-изолација. Семејствата живеат во една од најзагрозените населби во општината Шуто Оризари – Брсјачка Буна. Проблем претставува што семејствата живеат во импровизирани живеалишта, во супстандарни услови, без проточна вода, канализација и струја. Воедно најголем дел од нив делат иста просторија, без можност за остварување на физичка дистанца. Овие лица немаат никакви можности да ги применат основните мерки за заштита од Ковид-19 при појава на случај на заболен член во семејството, како што се физичка дистанца, редовно миење на рацете, дезинфекција на површините, носење на заштитни маски и сл. Доколку не се преземат навремени мерки постои огромен ризик голем дел од овие лица да заболат од Ковид-19“, велат од здруженијата.

Тие сметаат дека поради тоа што жителите немаат можност да ги применат основните мерки за заштита од ширењето на Ковид-19, постои голем ризик за ширење на инфекцијата во целата населба, па и пошироко во општината.

„Со цел да се избегне неконтролирано ширење на епидемијата со Ковид-19 во најзагрозените населби и во целата општина Шуто Оризари, бараме итно да се преземат координирани мерки од страна на Владата, Главниот кризен штаб, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Единицата на локална самоуправа на општината Шуто Оризари и кризниот штаб во рамки на општината Шуто Оризари“, се вели во заедничкото соопштение на Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за развој и унапредување на ромската заедница – Романо Чачипе и Иницијативата за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ, чија работа е поддржана од Фондацијата Отворено општество Македонија.

Тие бараат Владата да обезбеди и опреми соодветни објекти за изолација, да се воспостави протокол со цел при појава на идни случаи на лица заболени од Ковид-19, веднаш да се направи проценка на условите во кои живее семејството, да се направи тестирање за Ковид-19 на примерок на лица, соодветно на епидемиолошката проценка, од ранливата населба во Шуто Оризари каде што веќе има семејства во самоизолација, да се обезбеди тим кој редовно ќе мери температура на лицата од ранливите населби, да се отвори пункт за земање брисеви за дијагностика на Ковид-19 во рамки на ЈЗУ Здравствена станица Шуто Оризари и да се спроведува здравствена едукација, особено совети за превенција, правилна самоизолација, грижа за лице заболено од Ковид – 19 и сите останати потребни информации.

Здрженијата бараат и да се спроведува и редовна дезинфекција на улиците, на жителите кои немаат проточна вода во домаќинствата во целата општина, редовно да им бидат делени средства за дезинфекција на база на алкохол, а на сите граѓани да им се подела маски за заштита, со информации за правилна употреба на маските и да се соопштува бројот на заболени и починати лица од Ковид – 19 во општината Шуто Оризари, со што ќе се овозможи соодветно преземање на превентивни мерки особено во најранливите населби.

Треба да знаете
Последни објави