Search

ЕК со предлози до земјите членки за да се ублажи шокот од енергетските цени во ЕУ

 Европската комисија денеска презентираше неколку алатки со кои земјите членки можат да го ублажат ценовниот енергетски шок за најранливите категории на граѓани.

Предлозите во форма на комуникација не претставуваат структурен одговор, но Европската комисија ветува дека ќе ги преземе сите мерки што ги има на располагање за да се осигури дека енергетскиот пазар не се манипулира од страна на економските чинители.

Што се однесува до конкретните мерки што земјите членки можат да ги преземат за да го ублажат ценовниот шок без да ги нарушат ЕУ правилата на краток рок, земјите членки имаат можност да обезбедат ваучери за најсиромашните домаќинства, да дозволат доцнење во исплатата на фактурите, да обезбедат привремени намалувања на цените, или пак да дадат државна помош за компаниите но во согласност со правилата на ЕУ за државна помош.

Еврокомесарката за енергија, Кадри Симсон, изјави дека секоја земја се соочува со специфичен енергетски микс и специфична социјална слика и дека Европската Комисија не може да наметне едно решение за сите.

На долг рок ЕК сака да воведе структурни мерки за да не се повторуваат енергетски ценовни шокови како овој, рече еврокомесарката, меѓу другото преку зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во енергетскиот микс.

-Како што излегуваме од пандемијата и нашите економии заздравуваат, важно е да се заштитат најранливите потрошување и да се поддржат европските компании. Комисијата им помага на земјите членки да преземат непосредно мерки за да ги намалат последиците врз домаќинствата и бизнисите оваа зима. Истовремено идентификувавме и мерки на среден рок за да обезбедиме поотпорен и пофлексибилен енергетски систем, рече Симсон.

Еврокомесарката за енергија додаде дека ситуацијата е вонредна и дека енергетскиот пазар на ЕУ е функционален, но дека за да продолжи да биде, Европската Унија треба да го реализира Зелениот пакт и со тоа да ја зајакне својата енергетска независност. 

Треба да знаете
Последни објави