Search

Единаесет печатени медиуми добија поддршка од 42,5 милиони денари

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на прес-конференција во Владата ги соопшти резултатите од реализацијата на средствата од Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година.

Од вкупно 13 пристигнати барања, одобрени се 11, информираше министерот. Овие 11 новинско-издавачки компании ќе добијат 42 милиони, 568 илјади и 620 денари, од вкупно 50 милиони денари за поддршка на печатените медиуми што беа предвидени за оваа намена во буџетот.

Средствата се доделени за веќе остварени трошоци, и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и 50 отсто за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70 отсто за направените трошоци за печатење и 70 проценти за трошоците за дистрибуција.

„Иницијативата за поддршка на печатените медиуми дојде од страна на Здружението на новинарите на Македонија, кое потоа реализацијата на овој проект ја  препушти на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми на (АЗПМ), кое, во соработка со Владата на РМ, ги подготви критериумите според кои Комисијата на Генералниот секретаријат на Владата на РМ, во која членуваа и двајца претставници на АЗПМ, ги распредели предвидените средства за поддршка на неделните и дневни, национални и локални весници во земјата“, соопшти министерот Поповски.

Претседателот на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми, Лирим Дулови, на прес-конференцијата ја изрази благодарноста за оваа поддршка за егзистирањето и работата на печатените медиуми и истакна дека Република Македонија е единствената земја од регионот која оваа иницијатива ја спроведува според модел што веќе се применува во повеќе земји членки на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави