Search

Европската комисија ги зголемува своите климатски амбиции за 2030

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го одржа својот прв говор за состојбата на Европската унија, во контекст на здравствена и економска криза. Во фокусот на нејзините амбиции: зелената транзиција и климатските амбиции, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефицата на европската извршна власт најави дека една од првите мерки во наредните месеци ќе биде ревидирање на легислативата на Зелениот пакт на ЕУ за да се постигне климатска неутралност до 2050.

Првичниот предлог на ЕК беше да се намалат штетни емисии за 40 отсто до 2030, но последните импакт студии на институцијата покажале дека оваа амбиција не е доволна за Европа да стане првиот климатски неутрален континент, и затоа фон дер Лајен предлага намалување за 55 отсто до 2030.

-Признавам дека ова намалување е многу за некои и недоволно за други, но нашите студии покажуваат дека економијата и индустријата можат да ја постигнат целта и мора да ја постигнат за да дојдеме до климатска неутралност во 2050 година, рече фон дер Лајен, предизвикувајќи силен аплауз од страна на европратениците.

Конкретно ова значи дека ЕК ќе предложи низа закони кои ќе придонесат за намалување на карбонските емисии, од енергетска ефикасност до уништувањето на шумите и штетни хемиски супстанци, планот за економско закрепнување ќе почива на столбот на еколошката транзиција, заедно со дигиталната, објасни претседателката.

-Мисијата на Зелениот пакт оди подалеку од намалувањето на емисиите, тоа е важно, но потребна ни е системска модернизација, станува збор за градење на посилен свет, мораме да го смениме начинот на којшто консумираме, произведуваме, работиме, патуваме, се грееме, изјави фон дер Лајен.

Таа додаде дека 37 отсто од Пакетот за закрепнување од 750 милијарди евра, познат како Следна Генерација ЕУ, ќе бидат одвоени за исполнување на климатските амбиции.

Освен закони и проекти, фон дер Лајен сака да создаде нов културен проект за ЕУ кој ќе се гради околу овие амбиции и го нарече “новиот европски Баухаус”, простор на творештво чија цел ќе биде да го “исцрта светот во којшто сакаме да живееме”, вклучително и од естетска перспектива. 

Треба да знаете
Последни објави