Search

Д-р Бошкоски ја воодушеви Италија со уникатната операција на магнетна анастомоза

Доктор Иво Бошкоски е Македонец, кој минатиот месец заедно со неговиот тим беше топ тема во сите италијански медиуми. Имено, за време на екот на епидемијата на ковид 19 во средината на март имале многу комплициран случај на пациент со две трансплантации на црн дроб и комплетно затворање и раздвојување на жолчните патишта. Роден во Тетово гордо зборува за своето детство, за средношколските денови и времето минато во земјава. Но патот го однел во вечниот град Рим каде го завршува своето образование и станува врвен гастроентеролог. За 24 инфо зборува условите како се живее во време на корона во Италија, но и за успехот постигнат со новата метода на опрерирање на пациенти.

-Роден сум во Тетово под падините на Шара. Од мојот дом се гледа калето и некогаш до јуни снегот на врвовите на Кобилица. На Тетово и на моите најблиски им го посветив романот: “Времето не постои” прво издаден во Италија. Од мојот дом до училиштето „Лирија“ до четврто одделение мене и брат ми не носеше дедо ми Бошко на мотор „Томос”, а често одевме и пешки. Од дома до гимназија во Тетово одев пешки секој ден: делот од старата болница до гимназијата е музеј на отворено со последни 500 години историја- вели Бошкоски.

Во 1999 се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје. Студирал две години и потоа се одлучил да ги продолжи студиите на медицина во Перуџа.

-Дел од фамилијата од страна на мајка ми се Италијанци и тоа ме поттикна да го направам првиот чекор. Од Медицинскиот факултет во Скопје во многу добри секавања ми се многу колеги со кои што и денес соработувам, а и драги професори, како Костандина Корнети, Лилјана Миленкова, Никола Јанкуклоски, Мирко Спироски и други,вели доктор Иво

За упис на медицина во Перуџа полагал повторно тест. Од 1.600 кандидати бил четврти а примале само 120. Добил стипендија и првите години живеел во машки религиозен интернат и секоја недела морал да пее во католички црковен хор.

-Отец Франко беше главен на интернатот и кога му велев дека сум православен (за да го избегнам хорот) ми велеше дека сите сме божји чеда. Перуџа практично беше Југославија во мало: до ден денес имам пријатели од Триглав па до Вардар. Било кој пат да одам и држам предавање или некоја интервенција на било кој Унивиерзитет во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград, Подгорица или Скопје има мои луѓе од времето на студии. Кога дипломирав медицина се одлучив да одам низводно, спротивно од струјата. Се одлучив да пробам да влезам на специјализација на Гастроентерологија на еден од најпрестижните универзитети во Италија, иако сите ми велеа дека само губам време- Кампус Био Медико и Католички Универзитет во Рим, кај Професор Гуидо Костамагна. Едноставно невозможна мисија. Имаше само четири места. Се подготвував долго време и после различни тестирања успеав да добијам место: четврти од четири, вели Бошкоски.

Но селењето од малата Перуџа во големиот Рим не било лесно. После четири години специјализација кај проф. Гуидо Костамагна добил Докторат на Католичкиот Универзитет во Рим ви чиј склоп е Универзитетската Поликлиника Агостино Гемели на која што работи до ден денес. Исто така работи и во Центарот за научни истражувња во Стразбур .

-Во 2011 година го измислив моделот за траининг на ЕРЦП (една од најкомплексните процедури во ендоскопија) кој што се вика Boskoski –Kostamanja и денес го има на скоро сите универзитети во светот и е дел од Европското и Американското Друштво на Гастроентеролози и Ендоскописти. Моја супер-специјализација е ендоскопија на жолчни патишта и панкреас, мини и микроинвазивна терапија, онкоендоскопија и баријатрична ендоскопија (ендоскопија за дебелина). Во 2012 година воведов во Италија систем за шиење на желудник преку уста и денес сум лидер во Европа на ова поле. За сето ова е заслужна Федерика, мојата сопруга со која имаме две деца, вели Бошкоски.

На почетокот на март годинава Италија силно ја погоди санитарна криза со невидени размери. Ковид19 буквално го бутна италијанскиот здравствен систем на колена.

– Моето одделение има 19 ендоскописти и половина од нив беа ставени на ковид одделенија. Сите рутински активности беа суспендирани и опериравме само итни пациенти и онколошки болни. Катастрофа со невидени размери од сите гледни точки, вело докторот.

За тимот со кој работи вели дека е многу горд. Операцијата со која се најде на сите медиуми во Италија е направена за време на екот на ковид на средината на март .

-Имавме многу комплициран случај на пациент со две трансплантации на црн дроб и комплетно затворање и раздвојување на жолчните патишта. На ниеден начин неможевме да ги пробиеме жолчните патишта и така се одлучивме да направиме магнетна анастомоза: еден магнет од неодимиум преку црниот дроб и еден преку дванаесетпалачното црево и од таму во жолчните патишта. Јас ги нацртав магнетите како треба да бидат и ги нарачав од една фабрика во Милано од кај што ни ги направија за 24 часа. Операцијата беше успешна и беше главна вест на сите италијански медиуми, вели Бошкоски.

Според него, тоа што во Македонија не изби голема заразна криза како во Италија е затоа што навремено се беше затворено. Тој им препорачува на Македонците да држат дистанца и да носат маски.

– За Ковид 19 скоро ништо не знаеме од биолошка гледна точка. Македонците се интелигентен народ и искрено се надевам дека не веруваат на сите лажни вести што во моментов цирлулираат. Работата треба сериозно да се сфати и секој да биде одговорен. Моја препорака до сите во Македонија е да носат маски и да држат сигурнисна дистанца едни со други. Се до имунизација на населението не смее да се попушти од оваа гледна точка. Во моментов немаме никаков лек, а ниту вакцина- вели доктор Иво.

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави