Search

Др- Стевановиќ: Цели семејства беа хоспитализирани и многумина од нив ја изгубија битката со КОВИД

Доктор Милена Стевановиќ е на чело на Инфективната клиника во еден од најтешките периоди за државата и светот во услови на пандемија. За 24 инфо вели дека немало потежок период за работа. Од почетокот на епидемијата па до денес динамиката е многу по интензивна од вообичаено, секако поради потребата од интензивна комуникација со нејзините колеги епидемиолози и Kомисијата за заразни болести. Во моментов на клиниката има хоспитализирани 100 пациенти, а најстариот пациент од 94 години чека втор негативен тест за да си оди дома. 

Почнувам најчесто со состанок на колегиумот и реферирање на прегледаните амбулантски пациенти, состојбата на хоспитализираните болни и бројната состојба со пациенти на Клиниката. Визитата на болните следува веднаш по состанокот. Се  трудам да бидам во контакт со сите вработени и да ги следам нивните потреби и грижи поврзани со работата. Многу од работите сега се веќе рутина па и нема потреба од големи промени на рутинскиот распоред за работа. Со колешката Организациски Директор на Клиниката за инфективни болести, Мирјана Пехчевска Поп- Илиев  ги следиме и проверуваме сите потребни медицински материјали, тестови, лекови, медицинска опрема и веднаш се интервенира ако е нешто итно потребно, не смее работата на оддел да затаи ни во еден момент.

Колку пациенти во моментов се хоспитализирани и колку се на респиратор а колку на кислородна поддршка?

Денес на Клиниката се хоспитализирани 100 пациенти, нема пациент на механичка вентилација, а четири пациенти се на не инвазивна вентилација. Најголем дел од пациентите имаат потреба од високи количини на кислород преку маска.

Колку има починати пациенти од почетокот до сега?

До сега На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има хоспитализирано 540 пациенти со КОВИД 19, амбулантските прегледи и следење на болните со КОВИД 19 исто така континуирано се одвива секојдневно. Кај 100 пациенти сме ја изгубиле битката со болеста.

Кој е најмладиот, а кој најстариот примен пациент и дали се отпуштени здрави од болницата?

Најмалиот пациент беше четири месечно бебе, третманот и следењето беше водено со секојдневни консултации со колешката Ана Стаматова, педијатар, која посветено доаѓаше секое утро и ја следеше, оваа убавица замина дома здрава и насмеана. Најстариот пациент е наша миленичка на 94 годишна возраст за која го очекуваме контролниот брис за КОВИД 19 и да ја отпуштиме, на наша радост и радост на нејзиното семејство .

Имало ли случај на хоспитализирани цели семејства?

За време на оваа пандемија видовме многу болка и големи семејни трагедии, кога скоро цели семејства беа хоспитализирани и многумина од нив ја изгубија битката со КОВИД, мислам дека нема потешко од тоа. Но, секако и повеќе члена од семејството да заминат здрави од нашата болница. Радоста за секој направен испис е голема.

Со оглед дека сте цел ден во болницата ве плаши ли лично заразата?

Секако дека ме плаши, би било навистина не одговорно да не се плашам. Тој страв ме тера да бидам многу претпазлива и да во секој момент носам соодветна лична заштита, зависно што во моментот работам.

Колку од персоналот е или беше зааболен од ковид?

До неодамна ние имавме само две медицински сестри кои за овие четири месеци беа инфицирани, тие се денес здрави и повторно вклучени во работниот процес на Клиниката. На жалост последниве неколку дена имаме четворица од нашите вработени кои се во изолација и шестмина инфицирани, заморот но и зголемениот ризик од стекнување на инфекцијата надвор од Клиниката го прави своето.

Има ли доволно персонал на клиниката?

Недостатокот од медицински персонал е сериозен проблем во нашето здравство кој датира од пред повеќе години, тој проблем сега е повеќе видлив. Ние имаме голема помош од медицински сестри и техничари од целата држава, нивниот ентузијазам и професионалност се сериозно освежување на нашите сили. Не може, а да не ви даде сила за понатаму, колешка или колега кој го оставил семејството и дошол да ви помогне кога ви е најтешко. Ние имаме голем респект за секој еден од нив.

Има ли некој протокол за лекување кои лекови се даваат или е индивидуално за секој пациент посебно?

Протокол национален за третман секако дека постои, тој е базиран на светски протоколи од големите центри каде се третира КОВИД19, овој протокол е и во фаза на дополнување и измени кои се однесуваат на новите сознанија и препораки, тука се вклучени и нашите клинички искуства.

Што е со останатите пациенти кои до скоро беа третирани на вашата клиника. Каде се лекуваат?

Се обидуваме ниту еден пациент да не остане без потребна здравствена грижа и третман, во ова ни помагаат сите Клиники и здравствени капацитети, зависно од потребата на пациентот. Клиниката за токсикологија, гастроентерохепатологија, КАРИЛ, нефрологија и други колеги, ние сме секогаш на располагање со конзилијарни прегледи и специјалистичко мислење, додека нашите хронични болни со ХИВ инфекција и хепатитиси ги следиме во издвоен дел од Клиниката.

Препорака до граѓаните кога да се јават на лекар и кога да тргнат на болничко лекување?

Граѓаните треба да бидат во континуиран контакт со своите матични лекари и да ги известуваат за секој симптом. Тие пак се во континуирана комуникација со нас. Секое влошување на состојбата може да се следи лесно и да се оцени потреба од прегледи, контроли и хоспитализација. Се разбира тоа е одличен начин и да стравот кој е неминовно присутен се намали и тегобите предизвикани од него да се намалат.

Валентина Ангеловска

фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави