Search

Дискусија: „Кон родова еднаквост: пречки и перспективи”

Финансиските пречки за образование и отежнатиот пристап до образовни институции (особено во руралните средини и за малцинските групи), недоволна фамилијарна поддршка за академска и професионална надградба, стереотипи и патријархални норми во однос на улогата на жената во домот и општеството, неопходност од партиска припадност за напредување во кариерата, се дел од пречките со кои се соочуваат жените и девојките во земјата во академскиот и професионален напредок.

Оваа беше речено на објавувањето на денешната студија „Кон родова еднаквост: пречки и перспективи во академскиот и професионален напредок на жените и девојките” на Здружението за еднакви можности-Мрежа Стела и Институтот за истражување Импакт.

Вљора Речица, коосновачка на Мрежа Стела нагласи дека според истражувањето и јавните дискусии извлечени се неколку препораки.

-Согласно оваа студија, потребно е да се дизајнираат и спроведуваат мерки за намалување на постоечки родови разлики особено на пазарот на труд, како во делот на политиките за вработување и учеството на жените во различните активни мерки за вработување, т.е. зголемување на пристапот до образование, намалување на трошоците за образование. Потребно е подигнување на свеста за надминување на родовите стереотипи и патријархалните сфаќања, обезбедување на бесплатен превоз за сите ученички и ученици во основно и средно образование во чие место на живеење нема основно или средно училиште, кодекс на однесување за родова сензитивност и безбедност, како и проактивно вклучување на жени и девојки од различни локации (рурални и урбани средини), рече Речица.

Дарко Црвенковски, проектен менаџер во Мрежа Стела нагласи дека борбата со родова еднаквост почнува од воспитувањето во домот, продолжува во образовниот процес и на крај завршува со општеството и вклученоста на сите институции, но и дека работите не треба да се делат на женски и машки работи.

Микаела Шварцер Блум, в.д амбасадор на САД во земјата денешната објавена студија ги споделува информациите за состојбата со родовата еднаквост во Северна Македонија и препорачува чекори што треба да ги преземат креаторите на политиките за отстранување на пречките кои ги спречуваат жените и девојките да го остварат својот целосен потенцијал и да имаат корист од социјалните, економските можности.

Подготовката на оваа студија се спроведувала во три фази. Во првата фаза спроведувале деск истражување во обид подобро да се запознаат со контекстот, структурните состојби, постоечките документи, стратегии и акциски планови, како и со наодите од особено квалитетните истражувања кои постојат на сродни теми, спроведени од страна на различните невладини организации кои работат во полето на родовата еднаквост во земјата. Во втората фаза биле прибрани податоци низ мешан методолошки пристап, во кој бил користен прашалник и полуструктурирани интервјуа, пополнување на 172 прашалници после вкупно 14 јавни дискусии одржани во периодот април 2018 – февруари 2019 година. И третата фаза во подготовката на студијата вклучи анализа на прибраните податоци.

Треба да знаете
Последни објави