Search

Директорот на затворот „Шутка“: Мијалков е во ќелија со други затвореници, има право на посети и два часа прошетка

Нема наредба од судот за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да биде спроведен на рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“ поврзан со масовното прислушкување, вели директорот на затворот „Шутка“, Ѓоко Котевски за „Макфакс“. Мијалков засега е сместен во ќелија со други затвореници и нема посебен третман, како што е случај со Орце Камчев кој е сместен во „хашките ќелии“ поради висок холестерол, тврди Котевски.

„Самата институција, вработените и секторот за обезбедување ги презема сите потребни мерки за безбедност на Сашо Мијалков, исто како и за сите други затвореници. Секако, ќе му бидат обезбедни сите права кои му следуваат, а тоа се два часа прошетка на чист воздух, посета од најблиското семејство, адвокат, присуство на рочиштата“, вели директорот Котевски за „Макфакс“.

Директорот на затворот „Шутка“ вели дека се завршени здравствените прегледи на Мијалков, но резултатите се уште не ги знае.

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, вчеравечер беше спроведен во истражниот затвор „Шутка“ поради опасност од бегство, а по барање на СЈО. Кривичниот совет попладнево на Мијалков му ја одредил мерката притвор од 30 дена. Мијалков е третиот приведен функционер од поранешната власт по бегството на експремиерот Никола Груевски. Претходно приведени беа поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Треба да знаете
Последни објави