Search

Димовски: Во Македонија се донесоа тешки и болни одлуки кои заслужуваат почит од сојузниците на НАТО

Делегација на македонскиот парламент предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на македонската делегација во Парламентарното Собрание на НАТО, денеска присуствуваше на состанок на Северноатланскиот Совет. Во делегацијата е и потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Весел Мемеди.

Денешниот состанок на Северноатланскиот Совет беше претседаван од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а во присуство на високи претставници од парламентите на 29 членки, меѓу кои и спикерот на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, која лично до пратеникот Илија Димовски и до македонската делегација ги пренесе честитките до македонскиот народ во име на Конгресот на САД.

На состанокот на Северноатланскиот Совет свое обраќање имаше Димовски, кој истакна дека во Македонија се донесоа тешки и болни одлуки и затоа заслужуваат посебна почит од сите НАТО сојузници. Потенцирајќи ја посветеноста на Македонија уште од далечната 1993 година кога прв пат Собранието ја утврди својата определба за членство во НАТО, побара забрзана ратификација на Протоколот за членство во НАТО од парламентите на сите 29 држави членки, но и се заблагодари на колегите од грчкиот, албанскиот и словенечкиот парламент кои веќе го сториле тоа.

Денешниот состанок на Северноатланскиот Совет, македонската парламентарна делегација ја искористи за низ билатерални средби со претставници на парламентите од повеќе НАТО држави при што повторно побара забрзана ратификација на Протоколот за членство на Македонија од своите колеги во сите 29 членки. Очекувањата на македонската делегација се дека процедурата за ратификација на Протоколот за членство ќе оди брзо и без пречки во сите парламенти на државите членки на НАТО.

Парламентарната делегација ќе ја продолжи својата посета во НАТО и следните два дена.

Треба да знаете
Последни објави