Search

ДЗС ја зголеми мобилноста поради најавата за обилни врнежи

Согласно информација од УХМР за можноста од серија обилни врнежи дожд од над 50 литри на метар квадратен, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 литри, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) одржа вонреден работен состанок и го активира Оперативното тело за справување, при што будно ја следи состојбата со зголемена мобилност и подготвеност на постојаниот состав на силите за заштита и спасување.

Според ДЗС, доколку врнежите паднат за краток период на помали сливни површини, можна е појава на локални излевања.

-Апелираме на внимателно движење покрај водотеците и суводолниците, во крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде постои можност од локални излевања и можна појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овие региони, за особена внимателност од можна појава на локални излевања ги посочуваме сливовите околу планината Кожув и Гевгелиско-Валандовскиот крај, наведува Дирекцијата.

Сите активности на следење и известување за моменталната хидролошка состојба се вршат согласно Националниот план за заштита од поплави.

Силите за заштита и спасување од поплави се во оперативна состојба за нивно можно ангажирање, а во функција се и сите материјално-технички средства и опрема со кои располага ДЗС.

Дирекцијата за заштита и спасување ги извести и предупреди своите подрачни одделенија и единиците на локалната самоуправа за потребата од преземање мерки и активности во својот делокруг.

ДЗС е во постојан контакт и со другите надлежни субјекти заради координирано делување и справување со можните појави на поплави за што навремено ќе ги известува медиумите и населението. 

Треба да знаете
Последни објави