Search

Детектор: Речиси половина од граѓаните сметаат дека изборите треба да се одржат по крајот на летото

Речиси половина од граѓаните сметаат дека изборите треба да се одржат по крајот на летото,
покажува најновото истражување на јавното мислење кое за #Детектор го спроведе Институтот за
политички истражувања Скопје.
Според него, најголемиот дел од граѓаните или 24,2% сметаат дека изборите треба да се одржат
во септември. 22,8% се на ставот дека избори треба да имаме после септември.
Најмал е процентот на граѓани кои сметаат дека изборите треба да се одржат во јуни. Ваков став
имаат 15,1% од анкетираните. За избори во јули се 17,6% а за изборен датум во август, 15,8% од
анкетираните.
Сепак, доколку изборите се одржат на крајот на јуни или првата половина на јули, на гласање
велат дека ќе излезат 48,2% од анкетираните додека 35,1% велат дека нема да гласаат.
Ова е значително намалување во однос на тоа колкумина од граѓаните биле подготвени да гласаат
пред корона кризата. 74,7% од анкетираните изјавиле дека пред да се појави корона кризата
планирале да гласаат на парламентарните избори додека само 18,1% планирале да апстинираат.
Доколку рестриктивните мерки за социјална дистанца, носење маски и ракавици се уште се на
сила, на гласање велат дека ќе излезат 45,7% од анкетираните, додека 33,7% велат дека нема да
гласаат.
Сепак, ако надлежните здравствени власти дадат зелено светло за избори, на гласање велат дека
ќе излезат 69,6% од граѓаните додека 19% велат дека нема да се појават пред гласачите кутии.
Само со повик од политичарите да се излезе на гласање, мнозинството граѓани велат дека не се
чувствуваат безбедно за да учествуваат на изборите.
38,9% од граѓаните велат дека доколку политичките лидери изјават дека кризата е завршена и
повикаат на гласање, тие нема да се чувствуваат безбедни да гласаат, додека 37,5% велат дека ќе
се појават на гласачите места.
Доколку биде потребно подолго да се чека пред гласачките места согласно препораките за
социјална дистанца, над една третина или 39,3% од граѓаните велат дека воопшто нема да
гласаат, додека 42,9% велат дека излезат на избори.
За граѓаните е многу важно и присуствово на набљудувачите на меѓународните мисии, пред се на
ОБСЕ и ОДИХР. 58,8% од граѓаните велат дека без присуство на меѓународните мисии изборите
нема да ги сметаат за фер и веродостојни додека само 19% велат дека немаат проблем со тоа.
Три четвртини од анкетираните или 76,3% велат дека на следните избори, државата треба да
обезбеди маски, ракавици и пенкала за гласање, додека 15% сметаат дека нема потреба за тоа.
Во однос на очекувањата на граѓаните за рестриктивните мерки, 59,3% од нив сметаат дека
следниот месец, мерките ќе бидат помалку рестриктивни, 23,2% не очекуваат некоја промена
додека 7,4% очекуваат мерките да станат уште порестриктивни.
Во однос на економската состојба, 30,7% од граѓаните очекуваат таа во наредниот месец да се
подобри, додека 30,5% очекуваат влошување. 27,5% од граѓаните сметаат дека таа ќе остане иста
како и досега.
Истражувањето на јавното мислење е спроведено телефонски во периодот од 13 до 14 мај
годинава, врз репрезентативен примерок од 1108 испитаници со маргина на грешка од плус-
минус 3%.

Треба да знаете
Последни објави