Search

Денес НАТО е реалност, тоа е прав пат

Интегрален текст од обраќањето на Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ.

„На прав пат сме!

30 години зборувавме за НАТО. Денеска одбројуваме до полноправно членство. Денес НАТО е реалност. 70 години по основањето на Алијансата, стануваме 30-та, најмлада членка на НАТО, но еднаква и рамноправна.

25 земји членки ги завршија ратификациските процедури во нивните парламенти. Синоќа и Соединетите Американски Држави ратификуваа со убедливо мнозинство од 91 глас за, а само два против. Успешно ја приведовме кон крај една од двете најважни стратешки цели на нашите граѓани.

Овој успех не падна од небо. Не го добивме како подарок. Го сработивме. Го издејствувавме.

Затоа што прва должност на секоја влада е да ја одржува својата земја безбедна и сигурна.

Сите ние знаеме колку беа лоши состојбите пред две и повеќе години: изолирана држава, меѓународно менаџирање на внатрешната политичка криза, НАТО и ЕУ мислена именка, критики од меѓународниот печат за киднапирани институции, неслободни медиуми…

Но, денеска сакам да зборувам за успесите што ги постигнавме во изминатите две и пол години.

Должност на секоја влада е да ги остварува задачите околу кои општеството се обединува, кои се израз на неговата кохезија.

А тоа е НАТО.

НАТО чува под својот безбедносен чадор една милијарда луѓе.

Да се биде дел од клубот чие мото е „Сите за еден – еден за сите” е не само гаранција за безбедноста и заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет туку е и порака кон светот дека ги разбираме и прифаќаме нашите одговорности во регионот и пошироко.

Да се биде дел од овој клуб е предуслов за раст на економијата и отворање на работни места како што веќе ни се случува.

Да се биде дел од овој клуб е еднаква шанса на нашите домашни економски оператори да учествуваат на тендерите за јавни набавки на НАТО.

Тоа се придобивки за економијата, граѓаните и државата.

За разлика од периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ нашата татковина е сега отворена кон светот.

Ја дуплиравме нашата одбранбена секција во НАТО. Се вративме во Монс. На воените аташеа во Вашингтон, Берлин и Анкара, го додадовме и Париз.

Испраќаме наши старешини во состав на главните команди на НАТО и со тоа даваме наш полн придонес кон мисиите и задачите кои ги остварува Северноатлантската алијанса.

Изработивме План за опремување и модернизација на вооружените сили, како дел од Долгорочниот план 2019-2028.

Нашата Армија ќе се модернизира и ќе ги подобри оперативните способности.

Го зголемивме буџетот во одбраната и ги покачивме платите.

За овие две години, имав чест да ја претставувам мојата држава на билатерални средби со 20-тина министри за одбрана на НАТО членки.

Девет од нив ја посетија нашата земја за само една година.

Имав две официјални посети на Пентагон.

Во нашата земја повторно дојде секретар за одбрана на САД – нешто што не се имаше случено од 2004 година наваму.

Ова меѓународно внимание кон нашата татковина не беше можно до пред две и пол години.

Бидејќи:

Цели 10  години оваа земја немаше политичка визија, немаше политичко лидерство.

Не можете да ја изолирате својата земја а да очекувате влез на инвеститори.

Не можете да ја оддалечувате вашата земја од НАТО и ЕУ а да очекувате пораст на странски инвестиции.

Почитувани,

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која 11 години беше посветена на криминал, корупција, омраза и поделби, ние како одговорна партија сме посветени на развој, економски раст и интеграција.

Ние нудиме политики кои им служат на граѓаните, политики што обединуваат и водат напред, на прав пат. Ние не ги лажеме нашите граѓани дека ќе уриваме со тешка мака постигнати меѓународни договори, како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ.

Ние не собираме поени со ветувања дека ќе ја вратиме нашата земја неколку чекори назад, како што ветува Мицкоски. Ние не нудиме враќање во историјата, туку пат кон иднината, а единствениот пат што води натаму е правиот пат на одговорните политики. Заедно со граѓаните на 12 април ќе потврдиме дека нашата држава, нашите политики се на прав пат.“

Треба да знаете
Последни објави