Search

Дебата: Независни институции за борба против организираниот криминал и корупција

Корупцијата и организираниот криминал постојат во Северна Македонија, но и во останати држави, па дури и во Европската Унија. Она што е особено важно е да се воспостават вистинските правни инструменти од страна на институции кои ќе може соодветно да се борат со ваквиот криминал, прво да го откријат постоењето на криминалот, а потоа да се оди и кон санкционирање.

Ова денеска го истакна Џовани Кеслер, раководител на европската канцеларија за борба против измами, на дебатата „Граѓанско општество против организираниот криминал во Западен Балкан”, во организација на Глобалната иницијатива против организиран криминал од Виена и онлајн магазинот Инбокс 7.

– Треба да имате воспоставено специјално обвинителство, треба да се воспостави економска полиција која ќе работи на овие прашања, но она што е особено поважно е да ја поддржите работата на тоа обвинителство и полиција. За да може сето ова да се направи секако ви се потребни соодветни економски ресурси, но исто така и човечки ресурси и она што е особено поважно е да се поддржи нивната работа за да може тие независно да работат. Мора да имате независно специјално обвинителство и независна економска полиција, независни судии за да можат соодветно да ги откриваат овие чинови што се поврзани со организираниот криминал и со корупцијата и да може соодветно да се казнува, но на највисоко ниво, вели Кеслер.

Тој смета дека особено е важна независноста од какво било политичко влијание, и доколку се постигне таа политичка независност ќе може да се осврнеме и на клучните прашања поврзани со корупцијата и организираниот криминал.

– За да го направите сето ова секако дека мора да имате соодветни, цврсти, издржани, транспарентни процеси на селекција на луѓето кои ќе работат таму, а потоа и да се осигурите дека нивната кариера не е загрозена од какви било политички влијанија, додаде Кеслер.

Според Кеслер, најмногу загрижува фактот што државите пријавуваат многу малку корупција или велат дека воопшто немаат случај на корупција.

– Земјите кои сакаат да се приклучат во ЕУ не е целта да покажат дека нема корупција, затоа што секако нема да им веруваме. Нема земја во која што нема корупција. Она што треба да го направите е да покажете дека сте во можност, способни и дека имате волја да го откриете организираниот криминал корупцијата и да ги санкционирате сторителите. Не е доволно само да фрлите светлост односно да ги изнесете на виделина овие случаи, секако тоа треба да се направи од страна на истражните органи, обивинителство и слично, рече Кеслер.

Фатјона Мејдини, од Глобална иницијатива која го претстави Извештајот објавен неодамна од Глобалната иницијатива, вели дека еден од трите региони на ранливост кои ги уведеле на Балканот, е токму северниот дел на државата, односно Куманово, кое е проблематична област подолг временски период. Како што рече, забележале дека кокаинот што доаѓа од латинска Америка завршува во пристаништето во Бар и во Драч.

– Забележавме дека големи градови како Скопје, Тирана, Приштина и Белград прераснуваат во еден вид на рај за перење на пари. Најдобри примери доаѓаат од Тирана каде имаме многу нови згради, нови објекти, каде забележуваме стотици дозволи за ваквите објекти. Нема промени, да речеме во платите, населението старее, а од друга страна има инвестиција. Сето ова води до фактот дека сите овие објекти или самата инфраструктура е всушност дел од онаа шема на перење на пари, она што го прави самиот организиран криминал во овој регион, посочи Мејдини. 

Треба да знаете
Последни објави