Search

Две иницијативи и едно барање за слободи и права на седница на Уставен суд

На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се две иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

Судиите ќе расправаат по иницијативата поднесена на член 132 од Законот за безбедност на храна. Оспорената одредба предвидува глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако не ги отстрани констатираните неправилности утврдени со решението, наведува подносителот. Во иницијативата, поднесена од Игорчо Точев, се наведува дека не е пропишана состојбата на утврдени неправилности и поради тоа оваа одредба може да доведе до неконзистентно толкување при нејзина примена.

На денешната седница ќе биде разгледана и иницијативата поднесена на член 12 став 6 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, поднесена од Македонско здружение на млади правници Скопје преку адвокатката Павлина Зефиќ.

Во иницијативата се наведува дека Правилникот е штетен за осудените лица и предизвикува правна несигурност бидејќи е пропуштена можност министерот за правда подетално да го уреди прашањето на регресирање и прогресирање на осудените лица во полиберална група со донесување на општ акт како што е сторено со прашањата за распоредување, класификација и разместување на осудени лица согласно член 19 став 2 и став 3 од Законот за извршување на санкции. Во иницијативата се посочува дека на одредена категорија лица им е ускратена можноста за користење на таа погодност.

На дневен ред на седницата е барањето од Антонијо Милошоски од Кичево, кој е застапуван од адвокатот Петро Јанурa. Во барањето се оспорени Обвинителен акт КО.бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство  Скопје  поднесен до Основниот кривичен суд Скопје и Решение 11 К-ООА бр.96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје- Кривичен оддел.

Подносителот во барањето наведува дека му е повредено правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје.

Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт КО.број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето лицето Антонијо Милошоски, кој бил пратеник од редовите на најголемата опзициона партија ВМРО ДПМНЕ.

Треба да знаете
Последни објави