Search

Грчкиот парламент ќе гласа за барањето за репарации од Втората светска војна

Парламентот во Атина в среда вечерта ќе гласа за тоа дали Грција треба да бара милијарди евра за репарациите за кои неколку досегашни влади тврдат дека Германија им ги должи за нацистичката окупација за време на Втората светска војна.

Гласањето ќе ја одбележи првата официјална одлука на пратениците за ова прашање, кое повторно стана актуелно кога Грција остана заглавена во должничка криза пред една деценија.

Претседателот на парламентот, Никос Вуцис, се очекува да поднесе предлог – врз основа на извештајот на парламентарната комисија која ја процени штетата од окупацијата на над 300 милијарди евра – за следните правни и дипломатски чекори што Грција ќе ги преземе и да го стави на гласање во вечерните часови.

Германија во минатото се извини за злосторствата извршени од нацистите, но не беше подготвена да разговара за репарации.

Германија ја нападна Грција во мај 1941 година, а за време на Втората светска војна околу илјада грчки села беа уништени и десетици илјади луѓе загинаа од нацистичките трупи кои се обидуваа да го задушат грчкиот отпор.

Парламентарната комисија ги процени штетите од окупација на најмалку 269 милијарди евра, сума што се зголеми до 300 милијарди евра со вклучување на износот што нацистите ја принудија Банката на Грција да го даде во 1942 година, една година откако ја нападнаа Грција.

Овој „заем“ помогна да се финансира Хитлеровата воена кампања во Северна Африка.

Германија негира дека ѝ должи нешто на Грција бидејќи ѝ плати на Атина 115 милиони марки во 1960 година и смета дека прашањето е правно и политички решено.

Треба да знаете
Последни објави