Search

Групи на ВатсАп и Вибер за брза комуникација на новинарите со институциите, заеднички напори во борбата со дезинформациите

Новинарите преку затворена група на платформата ВатсАп можат да добијат информации од институциите на четири теми: Ковид-19, Попис, Интеграции и Животна средина. За граѓаните, Фондацијата Метаморфозис ја започна и отворената група на Вибер „Де факто: само проверени содржини” преку која ќе се објавуваат точни, проверени и веродостојни информации на теми од секојдневниот живот.

На овие теми новинарите ќе можат да постават прашања и да добијат навремена, точна и проверена информација потврдена од релевантни извори или експерти. Иницијативата има за цел да ја олесни работата на новинарите и медиумските работници во однос на пристапот, добивање и размена на брзи проверени информации.

На настанот на којшто денеска се промовираа овие групи, извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис Бардил Јашари, кои се организатори, истакна дека борбата против дезинформациите и намалувањето на штетите од ширењето на дезинформации најефикасно се прави со заеднички напори.

– Ако секој од нас одговорно го прави тоа што ни е во сопствена надлежност и потоа заедно соработуваме и ги коориднираме нашите напори имаме шанса за успех. Оваа соработка е исклучително важна. Само со заеднички напори мислам дека имаме шанси за успех иако битката е сложена, нагласи Јашари.

Според него државните институции на кое било ниво треба да бидат потранспарентни и поотчетни, да даваат навремени информации и на тој начин ќе се намали можноста за погрешни толкувања. Новинарите строго треба да ги следат професионалите стандарди. Невладините организации освен што ќе треба да работат „факт чекинг” треба да работат на мониторинг на разните манипулации на информациите во медиумите и во соработка со другите чинители да работат во едукација на граѓаните за поодговорно да ги консумираат информациите. И медиумската писменост, како што рече, сметаме дека е исклучително важна.

Марјан Забрчанец, Национален координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, истакна дека Владата преку четири столба од Акцискиот план, се справува со дезинформациите, а тие, како што појасни се активната транспарентност, медиумската писменост, соработката и брза проверка на факти и брз демант или реакција.

Во однос на активната транспарентност, тој вели дека последниве четири години имало постигнување на таа тема.

– Активната транспарентност е важна, бидејќи кога имате презентација на факти, информации тогаш на тие теми потешко е дезинформаторите да доминираат со дезинформации кога веќе во етерот се присутни точните информации, вели Забрчанец.

За медиумската писменост, смета дека не смее да се дозволи да биде третирана само во образованието.

– Сите овде имаме и можност, ресурси, знаење и услови да спроведеме активности кои би ги нарекол едуцирање, кревање јавна свест на теми поврзани со дигитална писменост и критичко размислување. Можеме заедно секој во својот домен да ги здружиме силите и да спроведеме масовни активности за јавно едуцирање на тема критичко размислување и дигитална писменост. Потребата да се расте деморкатскиот капацитет, да се иницира критика и сомнеж во се што е јавно искажано заслужува да биде третирана и на билборди и на ТВ спотови и во посебни емисии во сите типови медиуми ако сакаме побрз ефект, рече Забрчанец.

Обезбедувањето општество отпорно на дезинформации, според него, е работа на повеќе чинители.

– Ние сме подготвени да ја зголемуваме соработката и очекуваме нејзино интензивирање. Овој пример денеска е одличен како на иницијатива на граѓански сектор, медиумска организација, се приклучуваат и медиуми и новинари и институциите како одговорни чинители со цел брзо доаѓање до фактите и вистината, заклучи Забрчанец.

Треба да знаете
Последни објави