Search

Градоначалниците дискутираат за новиот предлог-концепт на ЗЕЛС за унапредување на системот на локалната власт

Градоначалниците и советниците – делегати на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија – ЗЕЛС ќе бидат информирани до каде е реализацијата на новиот предлог-концепт на ЗЕЛС за унапредување на системот на локалната власт во нашата земја, за што во изминативе шест месеци разговаравме со Владата. Предлог-концепт оди во три насоки: фискална децентрализација, проширување на надлежностите на единиците на локална самоуправа и промени во организација на локалната власт.

Ова денеска го изјави претседателот на ЗЕЛС и градоначаланик на Град Скопје, Петре Шилегов пред почетокот на Генералното собрание на ЗЕЛС, кое ја одржува петтата седница.

Тој информира дека овој концепт веќе се разгледува од одредени министерства и од Владата. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што рече, веќе прифати дел од своите надлежности да префрли на локално ниво, како што е управувањето со земјоделско земјиште, шуми и пасишта. Во областа на културата направени се анализи за префлање на повеќе културни и национални установи на локално ниво.

– Се преговара со МВР за создавање општинска комунална полиција и за пренесување на дел од управните работи на МВР и Управата за водење на матични книги. Општините најмногу се залагаат за преземање надлежности од центрите за социјална работа, за што Министерството за труд и социјална политика посочува дека првенствено треба да се почека на „заживување” и спроведување на новиот Закон за социјална заштита, а потоа да се пристапи кон префрлање на определени надлежности. Рокот кој го посочи Министерството е една година, изјави Шилегов.

Тој информира дека имаат определени барања и во делот на примарна здравствена заштита.

– Во делот на фискалната децентрализација предлагаме деа се зголеми зафаќањето од ДДВ од сегашните 4,5 на 10 отсто во полза на општините и зафаќање од сегашните три на 50 отсто од персоналниот данок на доход. Дел од приходите од Законот за игри на среќа и забавни автомати да биде приход и на единиците на локална самоуправа, а етапно да се зголемува и стапката на данок на имот, да се интегрираат капиталните дотации во една и да се основа Фонд за локален развој, посочи Шилегов.

Третата област, како што рече, се промените во организација на локалната власт и оди во насока на утврдување на можностите за напуштање на монотипниот вид на единици на локална самоуправа и воспоставување на политипен вид, иницијатива за избегнување на паралелните надлежности на Град Скопје и општините во него и промени во составот на Советот на општините. Тој најави дека за сето ова ќе се дискутира денеска.

– На оваа седница ќе разговараме и за тоа како ние управуваме со веќе дадените надлежности, како ги собираме сопствените приходи, особено данокот на имот. Имаме општини кои собираат само 20-30 отсто од овие приходи и ќе треба да се подигне свеста кај општините и кај граѓаните зошто се плаќа овој данок. Треба да ја ревидираме базата на податоци и да направиме репроценка на имотите што се наоѓаат на територија на секоја општина подинечно, рече Шилегов.

На седницата ќе бидат разгледани и најзначајните документи за работењето на Заедницата за следната година: Акцискиот план и Буџетот на ЗЕЛС за 2020 година, а на дневен ред се ставени и одредени измени на Статутот на ЗЕЛС. 

Треба да знаете
Последни објави