Search

Героски: Двајцата лидери, Зоки и Боки

„За вас можеби ќе биде банално, некои аналитичари можеби ќе сметаат дека сум полудел, од овој момент кажувам дека пред вас стои идниот лидер на оваа земја и планирам да се занимавам со политика“. Оваа историска изјава излезе денеска од устата на Бојан Јовановски, популарниот Боки Тринаесетка, Боки Тредичи, обвинет во аферата „Рекет“, заедно со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. Сакам јасно и гласно да ви кажам дека јас не мислам дека Бојан Јовановски полудел. Неговата најава дека ќе се занимава со политика воопшто не ја сметам за банална, туку за мошне сериозна. Напротив, мислам дека човекот треба да се охрабри да продолжи во таа насока, пишува Бранко Героски во вчерашната колумна во „Плусинфо“.

А зошто да не, ве молам?

Вака или онака, овој опскурен лик, кому очигледно не му недостасува природна интелигенција и дарба за вакви игранки, таа ѕвезда на ријалити шоуто „Големиот брат“, очигледно успеа да се наметне како лидер на македонската медиумска сцена, да стане командант на еден цел одред медиумски „бардови“ (кои, како што слушнавме од него денеска, во 1ТВ добивале дури и специјални задачи, срамни за луѓе кои важеа за некакви величини во македонското новинарство), да израсне во фраер кој успеа да заврти милионски суми, да се факторизира во македонската политика, да води разговори со лидерот Зоран Заев за „одредени општествени ситуации“, да контактира со сите најважни луѓе во СДСМ, од нив да биде јавно крунисан и со дел од нив да склучува меморандуми за идни криминални зделки, да стане мешетар кој на линија ги има сите поважни обвинители, а неговата омилена Катица Јанева во него да стекне толкава доверба што ќе му дозволи да ја снима како игра хип-хоп со купчиња евра во рацете.

Ве прашувам, кој од вас може да го постигне тоа за помалку од три години?

…Токму затоа, не е никакво изненадување што денеска во судницата, идниот лидер на некоја нова партија, идниот премиер или можеби и идниот претседател Бојан Јовановски, многу сериозно го предизвика својот главен конкурент на политичката сцена, човекот кој сѐ уште има највисок рејтинг (ако им се верува на анкетите), несудениот Нобеловец, нашиот омилен Зоран Заев., вели Героски.

Целата колумна на  „Плусинфо“.

Треба да знаете
Последни објави