Search

Втор сет на мерки: Минималните плати за април и мај ќе ги даде државата, и функционерите со минималец

Вториот сет на мерки што Владата ги усвои на денешната седница предвидуваат 17 мерки што се насочени главно кон малите и средни претпријатија. Техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција истакна дека како никогаш досега светот ја доживеа најголемата закана после втората светска војна и сите се соочени со фатални последици по нивното здравје.

-Презедовме многу сериозни и драстични мерки. Некои како вонредната состојба беа тешки, но неминовни. И дадоа резултати. Сега е важно максимално да се намали ширењето на вирусот. Да им да дадеме можност на сите да бидат згрижени. Ова е нашиот паралелен фронт, на кој ќе се спротиставиме на корона вирусот. Да обезбедиме ликвидност и финансиска инекција за да се соочуваат повеќе работни места, истакна Спасовски.

Според него, платите на вработените во приватниот сектор за април и мај ќе бидат покриени од државата во износ од 14.500 денари. Истата плата ќе ја добијат сите државни функционери.

-Овие економски мерки мерки се донесени по широка консултација и суштинска дебата со членовите на Економскиот совет и деловната заедница, стопанските комори, угледни и успешни стопанственици. Првата мерка подразбира финансиска поддршка за правните субјекти од приватниот сектор погодени од исплатата на плати на работниците за април и мај. Субвенцијата е 14.500 денари по работник. Ова е дел од владината програма за поддршка на работодавците, кои овие плати ќе ја исплатат преку месечната пресметка. Условите за исполнување на правото за користење на оваа мерка е компанијата да не исплаќа дивиденди и менаџерски бонуси, а ова нема да важи за оние што декември, јануари и февруари примиле плата повисока од 39.900 денари. Компанијата треба да го задржи истиот број на вработени до септември 2020. Оваа мерка ги опфаќа и медиумските правни субјекти, рече премиерот Оливер Спасовски.

-За граѓаните кои ќе сотанат без работа поради кризата државата ќе исплаќа паричен надомест секој месец во висина од 50 отсто од месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и член 68 од овој Закон. Според овој член граѓаните кои останале без работа ќе остварат надомест преку Агенцијата за вработување согласно нивните години на работен стаж. Така за пет години работен стаж следува четири месеци надомест или за 24 години стаж 12 месеци надомест. За оние лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија, обезбедуваме брз влез во системот на социјална заштита за април и мај. Тие просечно ќе добиваат по седум илјади денари по домаќинство. Проценетиот опфат на преземените мерки изнесува околу 30 илјади нови домаќинства од неформалната економија и 30 илјади постоечки корисници, појасни Спасовски.

Во сетот мерки што ги донела владата е и мерката за одложување закуп за корисници на социјални станови .

-Се одложува плаќањето закупнина за сите корисници, а исто така ќе се одложи и плаќањето и за закуп за граѓаните, додека за фирмите ќе се донесе посебна одлука во однос на плаќањето на кириите на закуп кај сите закуподавачи, појасни премиерот Спасовски.

Една од мерките е и тоа што вработените задолжително ќе мора да го искористат остатокот од стариот одмор заклучно со 31 мај, како и тоа дека се намалуваат авторските хонорари односно ќе се исплаќа 50 проценти помал хонорар од она што е потпишано во договорот освен во случаи кога авторскиот хонорар му е единствениот приход за граѓаните.

Со мерката број 1 што денеска е утврдена на седницата на Владата се предвидува финансиска поддршка за правните субјекти од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.
Предмет на оваа финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник, сразмерно на остварените ефективни часови поминати на работа.
● Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштитата на работните места на работниците во услови на криза.
●             Со цел спроведување на мерката ќе биде отворена Владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.
●             Работодавачите, правни субјекти од приватниот сектор самостојно ќе ја исплатат платата на редовен начин преку алатката „Месечна пресметка за интегрирана наплата” на Управата за јавни приходи.
●             Работодавачите од приватниот сектор баратели на финансиска поддршка ќе треба да исполнат неколку услови за да ја користат мерката:
●             Да не исплаќаат дивиденди на сопствениците; како и бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност и сл. на вработените и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот.
●             Да имаат најмалку 30% намалување на приходите споредено со просекот од минатата година, односно сезонскиот просек за работодавачите кои вршат сезонска дејност.
●             За месецот за кој се бара финансиска поддршка, просекот на делот на највисоките нето плати на 10% од бројот на вработените кај работодавачот-барател на финансиска поддршка, да не надминува износ од 120.000 денари месечно по вработен.
●             Дополнително:
○             Финансиската поддршка не се однесува на оние вработени кои за месеците декември 2019 година, јануари и февруари 2020 година примиле нето плата повисока од 39.900 денари.
Работодавачите што ќе добијат финансиска поддршка од оваа мерка имаат обврска истиот број на вработени што го имале во моментот на аплицирање да го задржат заклучно со месец септември 2020 година.
●             Добиената финансиска поддршка нема да ја враќаат работодавачи што искажале загуба за 2020 година. За останатите враќањето е лимитирано до износ од 50% од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи.
Оваа мерка ги опфаќа и медиумските правни субјекти од приватниот сектор, под истите услови.
За самостојните вршители на должност, односно сите занаетчии како автомеханичари, фризерки, бербери и други, да имаат пристап до оваа мерка, ќе биде донесена дополнителна уредба.
Субвенционирање на 50% придонеси на плата:
За погодените компании воведуваме 50% субвенција на придонеси. Оваа мерка е алтернатива со нето плата.
Критериумите за користење на двете мерки ќе бидат објавени во дополнителна уредба.
Мерка 2 – Помош за спортистите
За сите спортски работници вработени во спортските здруженија, владата ќе обезбеди минимална плата од 14.500 денари за април и мај.
Мерка 3 – Помош за уметниците
За 141 самостоен уметник ќе биде обезбедена минимална плата за месеците април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура.
Мерка 4 – Месечна плата (паричен надоместок) за граѓаните што останале без работа поради кризата, во висина од 50% од просечната плата на работникот
За граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест секој месец во висина од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и член 68 од овој закон, според кој граѓаните кои останале без работа ќе остварат надомест преку Агенцијата за вработување согласно нивните години работен стаж.
На пример: За 5 години стаж, 4 месеци надомест, или за 24 години стаж – 12 месеци надомест.
Мерка 5 – Сите избрани и именувани функционери ќе примаат минимална плата од 14.500 ден во април и мај 2020 година
Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земат минимална нето плата (сметано од декември 2019) од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година.
Тоа значи: Претседателите на државата, на Собранието и на Владата, сите министри, заменици министри, државни секретари, директори на државни институции, пратеници, градоначалници, и сите останати избрани и именувани лица.
Одредбите од оваа уредба не се однесуваат на именуваните лица согласно закон во јавните здравствени установи.
Мерка 6 – Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции нема да примаат надомест за времетраење на кризата
Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршната и локалната власт, како и претседатели и членови на советите на општините, и претседатели и членови на комисии формирани од извршната и локалната власт кои се истовремено некаде вработени, нема да земаат никаков надоместок додека трае кризата. Одлуката ќе важи додека Владата не донесе одлука за престанок на истата.
Оваа мерка не се однесува за лицата што се невработени, и за кои овој им е единствен приход.
Мерка 7 – Грижа за лицата во неформалната економија – Надомест од 7.000 денари по домаќинство за лица без работен ангажман или лица кои биле дел од неформална економија
За оние лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија овозможуваме брз влез во системот на социјална заштита за месец април и мај. Тие ќе добијат просечно по 7.000 денари по домаќинство.
Проценетиот опфат со новите мерки изнесува околу 20.000 нови домаќинства од неформална економија и 30.000 постоечки корисници.
Мерка 8 – Се запира Законот за извршување до крајот на јуни
Се суспендира односно запира законот за извршување до крајот на јуни. Извршителите ќе бидат должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија.
Работодавците на должниците и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите до крајот на јуни. Ова нема да важи само во случаи кога веќе парите се легнати на сметка на извршителите и тие ќе можат да ги префрлат парите на доверителите и во случаи кога се работи за алиментација за дете кон самохрани родители.
Остварувањето на оваа мерката е веќе во тек.
Мерка 9 – Одложување на кредитите кај банките
Народната Банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја промени Одлуката за методологијата за управување со кредитен ризик со цел донесување на посебни одредби заради ублажување на последиците од вирусот Ковид-19.
Со цел полесно спроведување на активностите донесени со Одлуката, а кои се однесуваат на преземање на активности од страна на банките за одложувањето на отплатите, репрограмирањето и договарањето помеѓу банките и нивните клиенти во услови на криза од вирусот Ковид-19,  Министерството за финансии и НБРМ во соработка со Македонската банкарска асоцијација подготвија Уредба за начинот на промена на договорни услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците, во која се дефинира начинот на спроведување на промените, која беше усвоена од Владина седница одржана на 26.03.2020 година.

Со оваа уредба се овозможува банките на лесен и едноставен начин да ги одложат кредитите на своите клиенти без потпишување на анекси и без одење на шалтер и во физичките локации на банките.
Банките на правните лица ќе им понудат поповолни услови како пролонгирање на отплатите, репрограм, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, додека кај физичките лица банките ќе ги одложат отплатите на ратите на 3 до 6 месеци.
Секоја банка ќе ја донесе одлуката на своите надзорни одобри и ќе ги извести своите клиенти.

И оваа мерка е веќе во реализација.
Мерка 10 – Намалување на ратата и репрограмирање на кредитите кај финансиските друштва и лизинг компаниите
Оваа мерка предвидува кредитите на физичките лица да се репрограмираат со намалување на ратите во следните три месеци за 70% од ратата и со продолжување на рокот за отплата за најмалку 90 дена од доспевањето.
За кредитите кај правните лица ќе се одлучува индивидуално со предлагање на најсоодветни поволности  согласно потребите на компаниите.  Нови договори за кредити да се одобруваат со 3 месеци грејс период. Законската затезна камата која до сега изнесуваше 51%, сега се намалува на 31%, додека останатите трошоци кои друштвата ги наплаќаат се ограничуваат на 20% од одобрениот кредит.
Мерка 11 – Да се одложи плаќањето закуп за корисниците на социјалните станови
Плаќањето на закуп на социјалните станови ќе се одложи за сите корисници, а исто така ќе се одложи плаќањето закуп и за граѓаните, додека за фирмите ќе се донесе посебна уредба за ова прашање.
Мерка 12 – Дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра
Развојната банка на Северна Македонија, покрај 5,7 милиони ќе пушти и дополнителни 8 милиони бескаматни кредити зa микро, мали и средни претпријатија кои може да го земе компанијата во зависност од бројот на вработени.
Максималниот износ на кредитот кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 5.535.000 денари, односно 90.000 евра, а минималниот износ на кредитот не може да биде понизок од 184.500 денари, односно 3.000 евра.
Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период од 12 месеци со намена за обртни средства. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални отплати.
Кредитите се бескаматни и без трошоци за администрирање. Кредитите ќе бидат обезбедени со меница – авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, во форма на нотарски акт и со извршна клаузула.
Мерка 13 – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија пласирани преку комерцијалните банки за заштита на ликвидноста на компаниите
Во рамки на тековниот договор за заем помеѓу Развојната Банка на Република Северна Македонија и Европската инвестициона банка, се овозможува користење на поволни кредити наменети за мали и средни претпријатија.
Примарна цел на оваа кредитна линија е обезбедување на свеж капитал за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз. Развојна банка ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки до крајните корисници, односно до мали и средни претпријатија и компании со средна пазарна капитализација.
Во рамки на овој договор, Развојната Банка има можност за повлекување на неискористен дел од кредитната линија во износ од околу 50 милиони евра, со ниска каматна стапка, согласно доставени барања од страна на деловните банки. Со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од новонастанатата состојба со појава на вирусот COVID-19 кој директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија, државата презема мерка со која ќе ја субвенционира каматната стапка  на Развојната Банка кон ЕИБ,  како и административниот трошок од 0,5% кој Развојната банка ќе го пресметува кон деловните банки преку кои ќе се пласираат средствата од оваа кредитна линија.
Со оваа мерка, Развојната Банка на Република Северна Македонија ќе  понуди каматна стапка од 0% на деловните банки кои  пак за оваа линија ќе одат со пониски маргини и ќе може за кредитите да нудат каматни стапки од околу 1.5%.
Мерка 14 – Се забранува отворање на стечајна постапка
За време на кризата и 6 месеци по кризата се забранува отворање на стечајни постапки.
Оваа мерка е веќе донесена.
Мерка 15 – Задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор (за 2020) година, односно задолжително доискоростување на годишниот одмор од минатата година заклучно со мај 2020 година, кој ќе се одобрува од работодавачот.
Мерка 16 – Формирање на солидарен COVID-19 фонд
Во Владата ќе биде отворена посебна наменска сметка за примање на донации од правни и физички лица кои ќе имаат можност и волја да донираат средства кои ќе се користат за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од корона вирусот.
Ги повикувам сите правни и физички лица да бидат солидарни и да го помогнат овој солидарен фонд.
Мерка 17 – Намалување на авторски хонорари
Лицата кои по било кој основ се ангажирани преку авторски хонорари од страна на државните институции, кои се истовремено некаде вработени, ќе им се исплаќа 50% помал хонорар од договорот кој го имаат потпишано. Оваа мерка нема да се применува доколку лицето е невработено и примањата од авторскиот договор му се единствени примања.
Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,
Коронавирусот удри по она што е наша глобална и заедничка карактеристика на која бевме толку горди и која во суштина му донесе на светот многу придобивки – меѓусебната поврзаност на светот. Заканата со која се соочуваме ни покажува колку сме ранливи и колку многу сме зависни од однесувањето на едни кон други. Нo, со самото тоа, сосема е јасно дека и одговорот на оваа закана е да останеме заедно во битката против оваа опасност.
Мои сограѓани, целината е секогаш поголема од збирот на нејзините делови.
Ова треба да го имаме на ум кога ги гледаме мерките, без разлика дали се тоа овие економски мерки кои ги носиме или мерките за спречување на ширење на коронавирусот.
Ако останеме заедно и ако делуваме заедно, од оваа неволја ќе излеземе посилни.
Затоа апелирам уште еднаш и уште посилно – да се придржуваме до правилата и препораките.
Владата на Република Северна Македонија, како и до сега, ќе остане постојано алармирана и ќе го следи спроведувањето на сите мерки. Ќе ги одмеруваме резултатите на дневна основа. Ќе ги зацврстуваме процесите што даваат резултати и ќе ги прифаќаме сите добронамерни укажувања да направиме нешто подобро.
Апсолутно сум убеден дека ќе ја совладаме оваа ситуација. Тоа е нашиот предизвик што го прифаќаме со полна одговорност да го решиме со успех.
Заедно сме посилни, многу посилни отколку секој сам по сам одделно.
Останете здрави, останете спокојни.  Во ова сме сите заедно. Владата на Република  Северна Македонија, сите министри што се посветени 24 часа секој ден во оваа битка, ќе направиме сѐ за да го заштитиме здравјето на нашите граѓани. Ќе ја заштитиме и економијата која ќе ни треба за да го поминеме успешно и периодот после кризата. Заедно и ќе победиме!
Треба да знаете
Последни објави