Search

Во Србија е-трговијата бележи пораст

Електронската трговија во Србија, според истражувањето на Стопанската комора на Србија (ПКС), двојно е зголемена за време на вонредната состојба, споредено со времето пред пандемијата на Ковид 19, а раст на купување и продажба преку Интернет се очекува и во наредниот период.

Како што јави дописиникот на МИА од Белград, од ПКС соопштија дека ова го потврдуваат истражувањата на странските експерти, според кои е-трговијата во Србија треба да има 3,3 милиони корисници до крајот на годинава, со приходи од околу 370 милиони евра.

Во март и април, покрај намирници, најмногу преку Интернет се купуваа компјутери и компјутерска опрема, мали апарати за домаќинство, облека и чевли.

-Анализата на ПКС покажува дека продажбата на храна во тој период е зголемена за десет пати во однос на просечниот месечен обрт пред пандемијата. Големите трговински ланци ги активираа и ги зајакнаа своите онлајн продавници и сопствените доставни служби заради потребните високи стандарди за транспорт на прехранбени производи, изјави Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија.

И малите трговци и производители реагираа брзо и ја искористија можноста да излезат бесплатно или со минимален надомест на платформите кои ИТ компаниите специјализирани за електронска трговија ги создадоа специјално за нив, посочи Чадеж.

Треба да знаете
Последни објави