Search

Во март македонска премиера на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“

Домаќин на македонската премиера на филмот на Теона Стругар-Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на 15 март ќе биде градското кино „Милениум“ во Скопје.

На премиерата режисерката ќе има свое обраќање пред скопската публика.

Овој филм беше нашиот единствен претставник во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал. Истиот веќе ја освои светската филмска критика и доби две престижни награди на реномираната манифестација Ecumenical Award и Guild Film Prize.

Првата награда, Ecumenical Award, се доделува за да се оддаде почит кон оние уметнички дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот. Втората награда со која се закити филмот е Guild Film Prize која ја доделуваат членови на жири-комисија кои се дел од Асоцијацијата на германската уметничка кинематографија AG Kino – Gilde e.V, а воедно се и менаџери на арт-кина.

Одличен одзив од публиката и критиката на овогодишното издание на Берлиналето имаше и за главната актерка, Зорица Нушева. Покрај неа, во филмот се појавуваат и Стефан Вујисиќ, Петар Мирчевски, Симеон Мони Дамевски и други.

Билетите за македонската премиера ќе може да се набават по цена од 150 денари.

Треба да знаете
Последни објави