Search

Во Индонезија блокада на социјалните мрежи поради лажни вести

Индонезија делумно ќе блокира социјални мрежи за да спречи ширење на лажни вести после судирите во Џакарта кои избувнаа по објавувањето на официјалните резултати од претседателските избори, најави министерот за безбедност Виранто.

– За да се избегнат провокации и ширење лажни вести ќе го ограничиме пристапот до некои платформи на социјалните мрежи, рече Виранто.

Во некои делови на Џакарта синоќа избувнаа немири откако изборната комисија на Индонезија потврди дека претседателот Џоко Видодо победи на изборите одржани минатиот месец, изјави гувернерот на индонезискиот главен град Ањес Басведан.

Приврзаниците на поразениот претседателски кандидат Прабово Субијанто се судрија со  безбедносните сили во главниот град на Индонезија, палејќи возила и фрлајќи камења врз полицијата, која одговорила со солзавец и гумени куршуми.

Речиси 60 лица се уапсени, а според локалните медиуми има и „неколку смртни случаи и десетина повредени луѓе”. Гувернерот на Џакарта, кој го поддржува Субијанто, изјави дека има „шест смртни случаи”, но нема официјална потврда.

Индонезиската изборна комисија соопшти дека претседателот Џоко Видодо освои втор мандат со 55,5 отсто од гласовите на изборите одржани на 17 април.

Треба да знаете
Последни објави