Search

Во Грција се одбележуваат 11 години од убиството на Алексис Григоропулос

Со протести во повеќе грчки градови, денеска во Грција се одбележуваат 11 години од убиството на Алексис Григоропулос, 15годишното момче кое на 6 декември 2008 беше застрелано од полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.

Како и секоја година, грчката престолнина и сега ќе биде под драконски безбедносни мерки за да се спречат било какви инциденти за време на закажаните два протести, едниот точно на пладне, другиот во попладневните часови.

Околу 4.000 полицајци, хеликоптери и дронови ќе бидат ангажирани за безбедноста во Атина, а доколку биде потребно, ќе бидат подготвени и цистерните со топови вода на грчката полиција за растерување демонстранти.

Безбедносните мерки и планот на полицијата се речиси идентични како и оние пред 20 дена за одбележувањето на годишнината од студентскиот бунт и падот на хунтата.

Веројатно е дека со одлука на полицијата, како што е пракса за време на големи и масовни протести, попладне да бидат затворени неколку метро станици во центарот на Атина.

Првиот протест денеска е закажан за 12 часот, организиран од ученици и студенти, а попладне во 18 часот по локално време ќе се одржи и главниот собир на студенти и членови на левичарски и анархистички организации. Планиран е марш низ улиците на Атина, демонстрантите да поминат пред грчкиот Парламент и да стигнат до населбата Ексархија каде што беше убиен Григоропулос.

Изминатите години, протестите завршуваа со сериозни инциденти и судири меѓу полицијата и демонстрантите токму во Ексархија, населба што важи за собиралиште на анархисти.

Треба да знаете
Последни објави