Search

(Видео) Стоилковски: Заев во Тетово бил на средба за редефинирање на државата

Зоран Заев бил на средба во Tетово посветена на редефинирање на државата меѓу двата изборни претседателски круга, посочи на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковки, кој истакна дека ваков заклучок се наметнува од молкот и, како што рече, очигледното бегање на Заев од темата за политички пазар на сметка националните интереси.

„Зоран Заев тргува со интересите на државата за да ја сочува власта и за да продолжи со коруптивните зделки за богатење на картелот кој што го води. СДСМ не смогна храброст да побараат одговор од Зоран Заев на прозивките за средбата во Тетово каде што за политичка поддршка договарал политичко редефинирање и исцртување на нови граници. Ова е сериозна тема, ова се пресериозни прашања за кои што мора да има одговор“, нагласи партискиот портпарол.

Стоилковски наведе дека со ова уште посериозни стануваат сомнежите оти и најавениот попис е дел од политичкиот пазар за опстојување на Зоран Заев на власт.

„Во насока на средбата во Тетово за којашто нема одговор од Заев, се надоврзува и фактот, дека Република Македонија повторно остана без преговори за членство во ЕУ, а вицепремиерот се закани дека во таков случај постои опасност државата да се распадне. По таа негова изјава, почнаа да се шират и идеи за отворање на пат за создавање на федерализација на Македонија и на Косово за да се формира федерална унија со Албанија, а сето како последица на неотпочнувањето на преговори за ЕУ“, рече Стоилковски додавајќи дека актуелниот премиер се посветува на се поголемо деспотство во партијата во насока на политичкиот пазар за опстојување на власт.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на крајот порача дека потребна е обнова на Македонија која, како што кажа, ќе почне со падот на политичките пазари на Зоран Заев.

Треба да знаете
Последни објави