Search

(Видео) Ременски: Од морални и од правни причини, Вељановски да поднесе неотповиклива оставка

Пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски, во однос на денешната седница на комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, на кои се разгледуваа годишните извештаи за работа на управата и на Агенцијата за разузнавање, рече дека нема голема разлика морализирањето на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина и на неповедена постапка за истрага, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељановски.

„Ако ги исправиме моралните дилеми од аспект на легитимноста и кредибилитетот на носењето на одлуките од страна на Комисијата, од аспект на тоа кој ги води комисиите, нема голема разлика морализирањето на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина и на неповедена постапка за истрага, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељановски на кој што ова Собрание не можеше да му го одземе имунитетот заради солидарноста на неговите сопартијци, а е под сомнение и при крај на поведување на обвинителен акт за здружување заради непријателска дејност односно за организација на насилните настани на 27 април во Собранието на Република Северна Македонија“ рече Ременски.

Додаде дека тоа дополнително како пратеници, веќе сега ги исправа и пред една многу посериозна дилема, од, како што рече, аспект на тоа дали имателот на безбедносен сертификат ‘државна тајна’ обвинет за дела против државата, може и смее да гледа строго класифицирани документи и извештаи за работа на токму тие безбедносни служби, кои што ги обезбедија доказите за учеството во организација на насилните настани во Собранието кои што се дела против државата.

Ременски истакна дека обврската Комисијата за надзор да определува кои двајца пратеници ќе учествуваат во постапката на селекција на кадри на Управата и тоа ќе го прави Трајко Вељановски кој што е исто така на рамниште на осомничените и осудените за насилствата во Собранието на 27 април.

„Јас го повикувам пратеникот Трајко Вељановски да си поднесе неотповиклива оставка и од морални и од правни причини од Комисијата за надзор на Управата за безбедност и контра-разузнавање и на Агенцијата на разузнавање бидејќи, прво е недостоен за вршење на функцијата пратеник на кој што по барање на Судот, Собранието не успеа да му го одземе имунитет и го прави потенцијален безбедносен ризик за користење на информации од класифицирана природа – државна тајна. Овие прашања денеска му беа поставени и на директорот на Управата за безбедност и контра-разузнавање, дали не чувствува потреба да покрене постапка за преиспитување на безбедносниот сертификат – државна тајна, на пратеникот Трајко Вељановски“ изјави Ременски.

Според неа, ако веќе се влегува во делот на морализирање од апстрактна природа, овде има конкретна ситуација, од која што зависат легитимноста и кредибилноста на сите процеси во кои што влегуваме како држава.

Треба да знаете
Последни објави