Search

(Видео) Претседателот на Белорусија тврди дека вотката и сауната можат да го избркаат коронавирусот

Додека повеќето земји во светот преземаат остри мерки за борба против коронавирусот, во Белорусија на луѓето им се советува да пијат вотка и да одат во сауна, пренесува „Скај њуз“.

Во текстот се истакнува дека земјата, а особено нејзиниот претседател Александар Лукашенко, не се загрижени поради епидемијата и дека фудбалските натпревари продолжуваат како во нормална ситуација.

Не се планира откажување на фудбалското првенство во Белорусија, а на сила се неколку мерки на социјално дистанцирање, додека на гледачите на одредени стадиони им ја мерат температурата пред да им се дозволи да влезат.

Малкумина фанови одлучиле да носат маски.

„Скај њуз“ пренесува дека и самиот Лукашенко покажал дека е обожавател на спортот, па учествувал на хокејски натпревар, тврдејќи дека спортот е најдобриот лек против вирусот.

На прашањето дали нешто може да го спречи да игра хокеј, Лукашенко рекол: „Можно е, но зошто? Не разбирам. Тука нема вирус“.

Во Белорусија, со население од 9,5 милиони, досега се потврдени 94 случаи на коронавирус.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ја намалува потребата за социјално дистанцирање во една од ретките земји што презедоа малку мерки за борба против вирусот.

Во последните неколку недели тој посочи дека граѓаните на Белорусија треба да пијат 50 милилитри вотка на ден како превентивна мерка против вирусот, но не и на работа, совет што е целосно во спротивност со препораките на Светската здравствена организација, посочува „Скај њуз“.

Тој исто така тврди дека редовните посети на сауна, работа на отворено и појадок навреме се најдобрите начини да останете здрави.

Тој ги нарече строгите мерки воведени од други земји, вклучително и соседна Русија, „неконтролирани и психотични“.

Треба да знаете
Последни објави