Search

(Видео) Мицкоски на Конференцијата на УМС: Македонија е далеку од Европа со оваа власт

Власта само на зборови е проевропски ориентирана, но не и по делата, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за време на неговиот говор по повод 27-мата годишна Конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

„Па ќе прашам еве овде европски ли е премиерот да бега од дебата со лидерот на опозицијата, што толку многу ја бараше кога беше тој лидер на опозицијата? Бега и се моли што побрзо да заврши процесот со Уставните измени, а и за економијата нема што да каже, се разбира. Ако излезе на дебата ќе мора да збори и за криминалите што се случуваат. Јас досега се уште не сум видел во Европа премиер што бега од дебата.

Европски ли е да се претепа човек во Струмица, да го претепаат кукавици со фантомки само затоа што се дрзнал да го критикува братот на премиерот? Европски ли е тоа?

Европски ли е да се води прогон кон опозицијата и да се прави полициска опсада на нејзиниот штаб, претресувајќи ги возилата и луѓето кои што влагаат и злагаат во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ?

Европски ли е една фамилија на власта, сестрата да е директор на академијата за обвинители и судии, братот главен преговарач во комисијата што треба да ја одреди смерницата на нашиот идентитет. Ќерката пак државен секретар во секретаријатот за европски прашања, а мајката советник во град Скопје од редот на СДСМ. Ова го има браќа и сестри само во СДСМ. Каде се сега оние шарени кои што се удираа по градите фарбајќи ги новоизградените објекти во Скопје и во другите градови ширум Македонија барајќи правдина барајќи мир? Овие си се вдомија многу пристојно во институциите, а овие останаа дома. Има место за секого, дојдете застанете рамо до рамо со нас да се спасиме од овие измамници кои што ја запоседнаа Владата на Република Македонија“, изјави Мицкоски.

Македонија е далеку од Европа со оваа власт, посочи претседателот на партијата во својот четириесет минутен говор и додава дека како што тргнало и наредната година нема датум да добиеме за преговори. „Нема затоа што ништо не работат. Не затоа што штанцаат закони на хартија, туку затоа што во дело во пракса никаква примена нема“, вели Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави