Search

(Видео) Иранската морнарица окупирала грчки танкер, го задржале пет часа

Иранската морнарица го окупирала грчкиот нафтен танкер „Вила“, кој плови под знамето на Либерија, во Хормушката теснина.

Ова се случува во време на засилени тензии меѓу САД и Иран. Вооружените сили на САД објавија снимки на кои се гледаат припадници на иранските специјални сили кои од хеликоптер со јажиња се спуштаат на палубата на танкерот.

Иранците го задржале танкерот околу пет часа, а потоа му дозволиле да продолжи со пловидбата, објави АП.

Во извештајот се наведува дека екипажот на грчкиот танкер под знамето на Либерија не испратил повик за помош ниту пред, ниту за време или по упадот на иранските специјални сили.

Американците додаваат дека во операцијата учествувале уште два воени брода.

Иран ги контролира сите операции во Оманскиот Залив, на источната страна на Хормушката теснина, преку која се транспортираат околу 20 проценти од светските резерви на нафта.

Техеран сè уште не го коментираше овој инцидент, па не се знае која е причината за интервенцијата на иранската морнарица.

Грчката компанија која е сопственик на танкерот „Вила“ исто така не се огласи во врска со инцидентот.

Треба да знаете
Последни објави