Search

(Видео) Заев: Противник сум на тоа политичките елити да се чувствуваат недопирливи во борбата против корупција

Премиерот Заев имаше обраќање на конференција за борба против корупцијата чија цел е да послужи како платформа за подигање на свеста за новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси.

На конференцијата „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики спрема европскиот модел – италијанскиот пример”, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Италија фокусот е ставен на независните надлежни органи одговорни за антикорупција, институционалните реформи и перспектива за интеграцијата во ЕУ.

Во своето обраќање, премиерот нагласи дека сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него.

Општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција. Ако за тоа нема волја, или ако тие механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој“, рече Заев.

Тој воедено порача дека едно општество не може да се нарече заедница на еднакви граѓани, ако на било кој поединец, на било која група, на било кој начин, му се загрозени правата на еднаков пристап до ресурсите на општеството.

„Силно се противам на создавањето на амбиент во кој некои политички елити ќе се чувствуваат дека се привилегирани и дека правдата и казната за коруптивните активности, нема да ги опфати и нив. Зборувам и за сегашните и за претходните и за наредните политички елити“, објасни премиерот.

Тој нагласи дека владината идеја „Општество еднакво за сите“, промовира принцип дека правната држава важи подеднакво за сите и дека за владеење на правото мора да се изградат независни, транспарентни, ефикасни и одговорни институции за спречување и борба против корупцијата.

Заев посочи дека корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на законите и на владеењето на правото, е најтежок вид на корупција.

„Сите мораме да го дадеме сопствениот придонес кон новото време за кое постигнавме општествен консензус дека оваа земја ќе се застапува за нула толеранција за корупција, за конфликтот на интереси и за непотизмот“, порача премиерот во своето обраќање и повика во борбата против корупцијата да нема резерви спрема никој и законите да се спорведуваат до крај.

Заев на конференцијата беше придружен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Дескоска, а на истата учествуваа и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која и италијанскиот амбасадор Карло Ромео.

Треба да знаете
Последни објави