Search

(Видео) Заев и Филипче: Со буџетот за 2020 правиме влог во здравјето на граѓаните

Премиерот Зоран Заев во неговото обраќање на трибината „Влогот во човечкиот капитал во здравството, е влог во здравјето на граѓаните“ на која учествуваше заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, нагласи дека Буџетот за 2020 е посветен на инвестициите во човечкиот капитал во здравството, образованието и социјална заштита.

„Предвидени се 154 милијарди денари, што е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со последниот Буџет. Зајакнувањето на човечкиот капитал во здравството значи и подобро јавно здравство а тоа е нешто што го засега секој од нас во сите фази од животот и затоа само во здравството го зголемуваме буџетот за 9%, и годинава тој ќе изнесува 33,7 милијарди денари“, истакна премиерот Заев на трибината.

На премиерот се надоврза министерот за здравство, Филипче, кој нагласи дека голем дел од зголемувањето на буџетот ќе оди на здравството.

„Близу две милијарда денари се посветени на преземените обврски на зголемените плати. Во изминатиов период дадовме повеќе од 5000 согласности за вработување. Во 2018 година започнавме со плаќања на трудот на приватните специјализанти. Се зголемија дежурствата. За првпат приватните специјализанти се платени за својот труд. Веруваме дека само задоволни здравствени работници може да дадат вистинска здравствена услуга на пациентите, но и вистински со желба да ги едуцираат помладите колеги“, рече Филипче.

На трибината „Влогот во човечкиот капитал во здравството е влог во здравјето на граѓаните“ беа присутни и голем број на здравствени работници, како и претставници на здруженија и директори на јавно-здравствени организации кои исто така ги дадоа своите коментари, забелешки, прашања и насоки за подобрувања на целокупниот здравствен систем.

Треба да знаете
Последни објави