Search

Вељаноски до Стевананџија: Ќе ме браниш во Собрание, покрај тебе и Крсто немам гајле

Од разговор на Вибер помеѓу поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија направен на 28.02. 2017 година по протестот во Прилеп, Вељаноски му упатува пофални зборови на пратеникот велејќи му дека е полн со енергија и дека ќе го брани во Собранието на РМ.

„Полн си со енергија, ќе ме браниш во Собранието. Покрај тебе и Крсто немам гајле“ му вели Вељаноски на Стевананџија.

За истиот протест неколку дена претходно поранешниот претседател на Собранието во разговор со експремиерот Никола Груевски направен на 25. 02. 2017 во 15 часот и 5 минути го советува тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ договорениот собир во Прилеп да го одложат за друг ден односно за сабота затоа што смета дека, како што рекол, Македонецот тогаш ќе биде наелектризиран.

„Јас пак мислам дека подобро да се одржи митингот во сабота, ќе има повеќе време за подготовка, нема да врне и до тогаш сè повеќе ќе се наелектризира Македонецот“, му вели Вељаноски на Груевски.

За почетокот на протестите се интересира и амбасадорот на РМ во Кина, Оливер Шамбевски. Тој во разговор со Вељаноски го прашува поранешниот претседател на Собранието дали протестите ќе имаат резултат односно дали ќе се спречи формирање на Влада на што Вељаноски му одговара: „Ако треба со ѕид ќе спречиме“.

На денешното рочиште за 27 април се читаат СМС и Вибер пораки од мобилниот телефон на Вељаноски.

Треба да знаете
Последни објави