Search

Британската влада поради пандемијата потрошила над 20 милијарди евра на договори без тендери

Британската влада не била транспарентна во доделувањето договори за набавки и услуги во вредност од 20,1 милијарди евра за време на пандемијата со Ковид-19, заклучува британскиот ревизор во извештајот објавен денеска.

На почетокот на пандемијата, владата мораше итно да набави опрема за лична заштита на болничкиот персонал.

„ Признаваме дека станува збор за вонредни околности“, изјави Герет Дејвис, директор на Државниот завод за ревизија (НАО), орган што го надгледува трошењето на народните пари.

„ Сепак, исклучително е важно овие одлуки да бидат соодветно документирани и јасни, без разлика дали владата сака да ја задржи довербата на јавноста кога станува збор за наменско и правилно трошење на парите на даночните обврзници“, додаде тој.

„ Податоците презентирани во нашиот извештај покажуваат дека правилата за транспарентност и документација не беа доследно применети на почетокот на пандемијата“, забележа тој.

Според Државниот завод за ревизија (НАО), до 31 јули биле доделени повеќе од 8.600 договори во вредност од 20,1 милијарди евра, од кои 11,7 милијарди евра биле договорени без јавен тендер.

Бил воспоставен „канал со висок приоритет“ за да им се даде предност на компаниите кои имале препорака од министерства, службени лица, пратеници и првите луѓе на јавното здравје (NHS). Некои договори биле доделени ретроактивно, се наведува во извештајот.

Објавувањето на извештајот на НАО доаѓа во време кога опозициските партии и замеруваат на конзервативната влада на Борис Џонсон за фаворизирање луѓе блиски до Конзервативната партија и нејзините донатори во доделувањето профитабилни договори поврзани со пандемијата.

Владата, сакајќи да се оправда, соопшти дека мора да дејствува итно и дека не може да се усогласи со прописите за јавни набавки.

Мег Хилиер, претседател на парламентарната комисија за јавни финансии, оцени дека овој недостаток на транспарентност може да биде само „врвот на ледениот брег“.

Треба да знаете
Последни објави