Search

Британската Влада го одложи гласањето за Брегзит

Британската Влада денеска соопшти дека го одложува гласањето за Брегзит, предвидено за првата недела на јуни, по негодувањата на најцрвстите заговорници за излегувањето на Британија од ЕУ поради отстапките кои ги направи премиерката Тереза Меј.

– Ќе го информираме Парламентот за датумот за гласање на Договорот за повлекување кога ќе се вратиме на работа на 4 јуни, изјави владиниот претставник Марк Спенсер. Британскиот Долен дом не заседава од денеска до 4 јуни поради одбележување на верскиот празник Духовден.

Спенсер дополни дека гласањето за Брегзит најверојатно ќе се одржи на 7 јуни, но дека тоа не е конечна одлука.

Сè повеќе и сè погласни барањата за оставка на Меј

Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе има средба со министрите од својот кабинет, во момент кога се погласни се повиците за нејзина оставка.

Голем дел од британските влијателни медими, повикувајќи се на свои владини извори, објавија дека Меј нема да биде на премиерската функција после понеделник, но демантот дојде од министерот за надворешни работи Џереми Хант.

Тој потенцира дека кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе дојде во официјална посета наВелика Британија во почетокот на јуни, Тереза Меј ќе биде премиерката која ќе го пречека Трамп. Претходно Тереза Меј најави дека ќе поднесе оставка, но само откако Договорот ќе биде изгласан во Парламентот.

Меј ја презеде премиерската должност по референдумот во 2016 година, на кој Британците, иако со тесно мнозинство, одлучија дека сакаат да излезат од Европската унија. Сепак, таа досега не успеја да го убеди парламентот да го потврди договорот со Брисел, за кој таа преговараше, а со кој се детерминира начинот на кој тоа раздружување ќе се спроведе.

Четврта среќа?

Резултат е тоа што Парламентот трипати ги отфрлаше предлозите на Меј, а најновиот – четврт го претстави во понеделникот навечер. Но според најавите, кога ќе биде ставен на гласање во парламентот, ќе ја има судбината на претходните три. Меј се обиде да ја добие поддршката на парламентот со воведување серија компромисни решенија, меѓу кои и можност за втор референдум и привремено останување на земјата во царинска унија со ЕУ.  Но токму нејзините конзервативци се противат на идејата за тесни трговски врски со ЕУ, оценувајќи го тоа како жртвување на дел од британската сувереност. Од тие причини денеска поднесе оставка една од водечките приврзаници на Брегзит, британската министерка за односи со британскиот Парламент, Андреа Лидсом, наведувајќи дека веќе не може да ја поддржува владата.

– Повеќе не верувам дека нашата позиција ќе доведе до референдумски резултат (во Парламентот). Поради таа причина, со големо жалење и тешко срце, поднесувам оставка во владата, напиша Лидсом во писмената оставка испратена од Меј.

Во меѓувреме, се поголем дел од британската јавност станува скептична за тоа дали Британија воопшто ќе ја напушти ЕУ. Кога Меј ќе се повлече, нејзината Конзервативна партија ќе избере нов лидер, кој веројатно повторно ќе преговара со Брисел за договорот кој Меј го склопи во ноември минатата година. Со новите преговори се зголемуваат изгледите за судир на Лондон со Европската унија.

Обложувалниците најголеми шанси му даваат на Борис Џонсон за човекот кој ќе ја замени Меј, и кој веројатно ќе треба да побара одложување на Брегзит, кој според последниот договор треба да се случи на 31 октомври.

И Брисел го губи трпението

Од целиот процес уморни се и во Брисел. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за Си-Ен-Ен изјави дека губи трпение поради постојаното одложување на рокот на Британија за напуштање на Европската унија.

– Морам да кажам дека почнувам да се заморувам, бидејќи сите се движиме од едно продолжување до друго … Луѓето губат трпение. Сакам да кажам „да”, да се одржи втор референдум, иако не сум сигурен дека исходот ќе биде многу поинаков, рече Јункер.

Тој истакна дека земјите на ЕУ немаат друг избор освен да го следат текот на дебатата за Брегзит во Велика Британија.

Сè поверојатен Брегзит без договор

Поради сето тоа, се поголема е веројатноста да се случи Брегзит без договор. А што би значело напуштање без соодветен договор минатиот месец појасни членот на Комисијата за економски и финансиски прашања на ЕУ Пјер Московиси.Тој рече дека ако Велика Британија се одвои од ЕУ без договор, тоа значително ќе влијае врз царините и додаде: „Ако има одвојување без договор, Велика Британија веднаш ќе влезе во редот на трети земји за ЕУ, што ќе има значителни ефекти во областа на царината и даноците меѓу Велика Британија и ЕУ”. Московиси тогаш потсети дека сите производи што ќе доаѓаат во ЕУ од Велика Британија ќе бидат предмет на правилата за царина на Унијата и дека веднаш ќе почне царинска контрола и надзор на билатералната трговија. Потоа, европските компании што ќе сакаат континуирано да тргуваат со Велика Британија ќе треба да подготват документи за извоз и увоз, а исто така, ќе се применуваат различни даноци за сите производи што ќе се увезуваат од Велика Британија.

Во меѓувреме, продолжуваат притисоците за Меј да се повлече од функцијата. Би-Би-Си објави дека по оставката на министерка задолжена за односи со Парламентот Андреа Лидсом, истото би можеле да го сторат уште неколку министри.

Меј во пат позиција

Лидерот на Лабуристичката партија во Велика Британија побара предвремени избори за време на дебата за Брегзит во Парламентот. Џереми Корбин ја повика владата да ги заштити работните места и според него, приоритет на Кабинетот е трговски договор со САД.

За прашањето за организирање втор референдум тој ја праша премиерката Тереза Меј дали ќе им дозволи на нејзините пратеници слободно да гласаат. Корбин вели дека новиот предлог на Меј не вклучува промени во однос на царинската унија, заштитата на животната средина и правата на работниците.

Корбин денеска повторно ја повика Меј да поднесе оставка, наведувајќи дека нејзината влада станала нестабилна и дека нејзиниот авторитет е загрозен. Воедно, Корбин најави дека неговата партија ќе се спротистави на веќе трипати отфрлениот договор кога ќе биде вратен во парламентот, на почетокот на јуни.

Поради сето тоа, аналитичарите наведуваат дека Меј е доведена во невозможна ситуација, со оглед на тоа дека отстапките за кон лабуристите предизвикуваат гнев во нејзината партија и обратно. Меј на 2 април почна преговори со лабуристите, надевајќи се дека ќе успее да обезбеди поддршка за договорот кој го испреговара со Брисел, но не успеаја да се договорат поради големите разлики во ставовите. Едно од најпроблематичните е прашањето за царинската унија со ЕУ, на која инсистираат лабуристите, додека конзервативците оценуваат дека Брегзит е покренат токму поради излегување од царинската унија.

Треба да знаете
Последни објави