Search

Брегзит: Како Монти Пајтон, само помалку смешно

Министрите во Лондон зборуваат за „последните денови на Рим” и за тоа дека земјата е западната во хаос. Брегзит се одлага и никој не знае дали, кога и како ќе се случи.

Холандскиот премиер Марк Руте ја спореди Тереза Меј со црн витез од скеч од Монти Пајтон. Неговиот противник едно по друго му ги сече екстремитетите и на крајот извикува: „Ајде да го наречеме диференцирање”. Британската премиерка е одамна поразена, но и натаму мавта со мечот. Брегзит е комедија, само помалку смешна.

Господинот спикер се вмеша

Удри како гром од ведро небо кога спикерот на Долниот дом фрли поглед длабоко во историјата и заклучи дека не е дозволиво за истиот предлог да се гласа три пати. Со тоа во неколку реченици ја урниса стратегијата на Тереза Меј.

Таа пак навистина планираше преку еден вид малтретирање неделава повторно да го стави на дневен ред договорот за Брегзит. Очекувајќи нов пораз, веќе планираше истото да го стори и следната недела, на три дена пред официјалниот датум за истапување од Унијата на 29 март.

Простата дрскост на таквата стратегија, неодговорноста и циничниот став кон Парламентот изгледа се нова кулминација во раздвижената историја на Брегзит.

Џон Берков за сега и стави крај на таквата игра. Меј и покрај тоа би можела да го стави договорот на гласање, кога само би имала доволно гласови за тоа тој да се најде повторно на дневен ред. Но, за тоа и фали мнозинство, исто како и за регулирано истапување од Унијата според нејзините замисли.

Колку подолго трае одлагањето, толку поблиску е крајот на Меј

По интервенцијата на спикерот, Меј замолче. Човек ќе си помисли дека би требало да излезе и да објасни што ќе се прави понатаму. Ништо. Наместо тоа нејзиниот портпарол само објасни дека таа ќе бара одлагање на рокот од страна на ЕУ. Нешто меѓу три и девет месеци.

Толку детално и не сакавме да знаеме. Во таквата ситуација настана чудна коалиција меѓу тврдите Брегзитери и пријателите на Европа.

Последниве и натаму се надеваат дека сепак ќе има втор референдум и дека дебаклот ќе може да биде спречен. Тврдокорните конзервативци, пак, оставаат две опции: прво, се надеваат дека колку подолго трае рокот за Брегзит, толку полесно ќе ја избркаат Меј од премиерското место.

Фрустрацијата за нејзината неспособност ги зафати ториевците како треска. Тие најотворено се радуваат за тоа дека со одлагањето како членка на ЕУ имаат многу повеќе можности да ги уценуваат Брисел и членките. Би можеле постојано и на се да ставаат вето, да ја блокираат машинеријата и на крај сепак од ЕУ да добијат што сакаат.

Тоа не се тајни планови, за тие нешта ториевците отворено зборуваат во интервјуа. Тие се „уништувачи”, чија цел пред се е да се предизвика хаос и колапс на системот. ЕУ мора да се заштити од нив и одлагањето да го одобри со доволно ограничувања.

Последните денови на Рим

Во Лондон колапсот на политичката класа и на демократските институции е толку напреднат што Тереза Меј веќе потсетува на римскиот император Нерон со харфата пред урнатините на Рим. Со таа разлика што не знае ниту да пее, ниту да свири и може само да крека „Брегзит е Брегзит”. Банално е и метафорично, дека таа на крај го изгуби гласот.

Меј својата земја ја присили да вози по луда железница и на крајот остана само гадење и дезориентираност. Кога ќе се потрошат сите суперлативи за да се опише политика излезена од колосек, ќе остане само подбив.

Во средниот век постоел крал кој го викале Ото Глупавиот. Веќе е заборавено со што си го заслужил името. Веројатно немал план за своето владеење, па така Меј наликува на наследник на таа неславна династија.

Треба да знаете
Последни објави