Search

Битиќи- Петровиќ: Земјите од регионот делат исти предизвици, заеднички да ги надминеме и да станеме поконкурентни

Земјите од регионот да ја интензивираат соработката, заеднички да се справат со предзвиците, да ја зголемат конкурентноста и посилни да влезат во пост-ковид периодот, како поатрактивен партнер за ЕУ, истакнаа на денешната средба во Владата вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ.

Битиќи и Петровиќ се согласија дека е неопходно земјите од Западен Балкан да ги реализираат капиталните инфраструктурни проекти за да има подобра меѓусебна поврзаност што е еден од предусловите, како што рекоа, за унапредување на економската соработка и подигнување на конкурентноста на целиот регион.

-Сите земји од регионот, и во периодот пред здравствената и социо – економска криза предизвикана од коронавирусот, но и за време на кризата, се соочуваат со исти или слични предизвици, а за нивно надминување потребна е заедничка соработка и енергична реакција. Со поинтензивна меѓусебна соработка и искористување на конкурентската предност што секоја од земјите од Западен Балкан ја добива со взаемната соработка можеме да го искористиме моментот и посилни да влеземе во пост-ковид периодот, со што земјите од регионот и целиот регион ќе бидат поатрактивен партнер за Европската Унија, нагласи Битиќи на средбата.

Како што соопшти неговиот Кабинет, отворањето на преговори со ЕУ беше, исто така, една од темите.

-Црна Гора веќе почна преговори за членство со ЕУ, би можеле да се искористат искуствата кои што ги има во овој процес и заеднички да се продолжи на патот кон целосна интеграција на двете земји во ЕУ, оценија двајцата соговорници.

Вицепремиерот Битиќи и црногорската амбасадорка Петровиќ се заложија за натамошна соработка во насока на подобри економски односи меѓу двете земји преку креативна и отворена континуирана дискусија.

Треба да знаете
Последни објави