Search

Бајрактар и Шкријељ: Канцеларија за социјални работи во Синѓелиќ за полесен пристап до услуги за 20.000 граѓани

Во Канцеларијата за социјални работи во населеното место Сингелиќ 20.000 граѓани ќе можат поедноставно да ги оставарат правата од социјална заштита.  Канцеларијата е дел од мрежата на канцеларии што Министерството за труд и социјална политика ги отвора во соработка со општините, за да ги доближи социјалните услуги до граѓаните. Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски денеска ја посетија канцеларијата и одговараа на прашања на граѓаните.

 

„Со отворањето на вакви канцеларии им олеснуваме на граѓаните. Тие не треба да патуваат и да се изложуваат на трошоци, за да достават барање за социјална помош или други права од социјална заштита“, изјави заменик министерот Бајрактар.

 

Канцеларијата во Сингелиќ е една од педесетината вакви канцеларии што се отворени во државата.

 

Според дополнителната заменик-министерка Шкријељ, на овој начин се обезбедува еднаков пристап на сите граѓани до социјалните права и услуги.

„Отворањето на општинските канцеларии е дел од имплементацијата на социјалната реформа со која целосно го менуваме системот за социјална заштита и покажуваме дека за сите се грижиме подеднакво. Тие се дел од активностите насочени кон подобрување на социјалните услуги и се финансирани со средства од заем на Светска банка. Главна цел е развој и подобрување на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници, согласно потребите на граѓаните и зголемување на пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи на граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица, за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра“, појасни Шкријељ.

 

Градоначалникот на Гази Баба Георгиевски ги информираше граѓаните дека канцеларијата ќе биде отворена од 8 до 16 часот и дека ќе биде големо олеснување не само за оние што живеат во Сингелиќ, туку и за граѓаните од околните населени места како и од Автокоманда и Маџари.

 

 

Кабинет на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ

 

 

Треба да знаете
Последни објави