Search

Асанж ќе го тужи „Гардијан“ за лажната вест за состанок со Манафорт

Своевремено блиски соработници, „Гардијан” и „Викиликс”, сега се во кавга и разменуваат обвинувања и закани со тужби, пишува „Прес газет“.

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, се закани дека ќе го тужи „Гардијан“ поради фабрикувана вест според која Асанж трипати се сретнал со тогашниот менаџер на кампањата на претседателот Доналд Трамп, Пол Манафорт, во амбасадата на Еквадор.

Во соопштение објавено во американските медиуми во понеделникот, Пол Манафорт му се придружи на „Викиликс“ и се закани со тужба против весникот.

„Оваа приказна е потполно лажна и намерно клеветничка. Никогаш не сум се сретнал со Џулијан Асанж или со некој поврзан со него. Никогаш не сум бил контактиран од никого поврзан со ‘Викиликс’, било директно или индиректно “, рече Манафорт.

Статијата на „Гардијан“ во вторникот тврдеше дека Манафорт го посетил Асанж во дипломатската мисија на Еквадор во 2013, 2015 и пролетта 2016 година кога Манафорт ѝ се приклучил на кампањата на Трамп. Според „Гардијан“, неколку месеци по последната посета на Манафорт, „Викиликс“ објави серија електронски пораки од Демократската партија наводно украдени од руски шпиони.

Во интервјуто за „Прес газет“, портпаролот на „Гардијан“ застана зад приказната тврдејќи дека таа е заснована на голем број извори.

„Овие наводи ги изложивме пред претставниците на Манафорт и на Асанж пред објавувањето. Ниту еден не одговори за да ги негира посетите што се случиле “, рече портпаролот.

Во твит, „Викиликс“ соопшти дека е подготвен да се обложи со „Гардијан“ во еден милион долари и во „главата“ на уредникот дека Манафорт никогаш не се сретнал со Асанж. „Викиликс“ почна со кампања за финансирање и веќе собра над 28.000 американски долари за да ги покрие правните трошоци.

Во САД, сенаторот Боб Менендез рече дека ако се точни наводите за состаноците, тоа ќе предизвика сериозни нови прашања за односот на Манафорт со „Викиликс“.

Манафорт во моментов е на издржување затворска казна откако се изјасни за виновен за заговор за измама на САД и за опструирање на правдата како дел од тековната истрага за наводното мешање на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година.

Треба да знаете
Последни објави