Search

Американски службеник во историска посета на Тајван, Кина испрати воени авиони

Претставникoт на американската влада ја пофали демократијата на Тајван и успехот во борбата против коронавирусот на состанокот со водачот на земјата за време на историската посета, која Кина ја прогласи за закана за мирот.

Министерот за здравство, Алекс Азар, е во тридневна посета на Тајпеј, која е највисока посета на американски службеник од 1979 година кога Вашингтон ја призна Кина наместо островот.

Посетата е во моментот кога односите меѓу САД и Кина минуваат низ подеми и падови, а двете страни се судираат за низа прашања од трговијата, преку воени и безбедносни теми до пандемијата на коронавирусот.

Кина го смета Тајван како дел од својата територија и најави дека еден ден ќе го анектира.

Пекинг ја осуди посетата на Азар и повика на нејзино откажување.

Во понеделникот наутро, Азар се состана со претседателката Цаи Инг-вен, која се залага за признавање на островот како суверена држава и која е презрена од кинеското раководство.

„Одговорот на Тајван на Ковид-19 е меѓу најуспешните во светот и претставува признание за отворената, транспарентна, демократска природа на тајванското општество и култура“, ѝ рече Азар на Цаи.

Цаи им се заблагодари на САД за поддршката да бидат дел од Светската здравствена организација (СЗО) затоа што Пекинг го блокира членството на Тајван.

Азар ги отфрли критиките од Кина за посетата на Тајван.

Тајван е многу успешен во спречувањето на епидемијата поради успешно следење на контактите и строгите контроли на границата и има регистрирано помалку од 500 заразени и седум смртни случаи од Ковид-19.

Кинеските воздухопловни сили за кратко време ја преминаа средната линија на Тајванската Теснина, објави тајванската влада.

Кина, која се закани со нејасна одмазда поради посетата, кратко испрати борбени авиони „Ј-11“ и „Ј-10“ на тајванската страна на теснината околу 9 часот наутро непосредно пред средбите на Азар и Цаи.

Треба да знаете
Последни објави