Search

Американски свештеник: Абортусот е полош од педофилија, педофилијата не убива

Католички свештеник од Род Ајленд предизвика гнев во јавноста откако минатата недела забрани политичарите кои го поддржуваат правото на абортус да се причестуваат во неговата парохија.

72-годишниот Ричард Бучи на верниците од неговата парохија им поделил летоци со имињата на 44 функционери кои гласале за Законот за абортус. Во брошурата се вели дека на овие лица ќе им биде забрането да бидат кумови на свадби или крштевки.

„Абортусот е полош од педофилија. Педофилијата не убива никого, а абортусот убива“, рекол свештеникот во изјава за WJAR, додавајќи дека повеќе деца се убиени со абортус отколку што биле жртви на педофилија.

Тој исто така изјавил дека луѓето не треба да бидат изненадени од тоа што тој го зборува повикувајќи се на учењата на Католичката црква.

„Нероденото дете е личност и има права како и секое лице“, додал Бучи.

Неговото интервју сепак предизвика гнев во јавноста.

„Апсурдно е да се каже дека педофилијата не убива никого. Очигледно овој свештеник не разбира што зборува. Педофилите го одземаат детството и душите на жртвите. Јас му препорачувам на Бучи да ги запознае жртвите и да ги сослуша нивните сведоштва“, изјави демократската претставничка од Род Ајленд, Керол Хаган Мекенти.

Откако неговата изјава предизвика гнев во јавноста, свештеникот се обиде да се оправда во друго интервју, тврдејќи дека неговата одлука е само продолжение на католичкото учење што трае веќе 2000 години.

„Ова не е нова идеја. Јас не разбирам зошто сите се шокирани“, истакна тој.

Треба да знаете
Последни објави