Search

Алушовски: Верувам дека Вардар и следната година ќе игра во ЛШ!

Вардар беше целосно надигран во Порто (30-22) од директниот ривал за што подобра стартна позиција во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, а тренерот Стевче Алушовски немаше објаснување и едноставно го призна поразот од подобриот противник.

Алушовски вели дека, ако Вардар сакаше да направи добар резултат, мораше да игра напад „7 на 6“, за да ги покрие недостатоците во напаѓачката линија. Меѓутоа тешко е да надвладеете во играта „7 на 6“ против тим кој е перфектен во тоа.

-За нас ова е тешка ситуација, бидејќи имаме премногу повредени играчи, играчи кои заминаа во други клубови во последен момент. Тешко е бидејќи моравме да играме „7 на 6“ против тим кој секој ден игра „7 на 6“ и можеби во овој момент е најдобриот тим на светот во таа тактика. Во овој момемт ние имаме само шест или седум играчи кои можат да играат вака високо ниво на ракомет. Му честитам на Порто и му посакувам се најдобро во продолжение на сезоната, рече Алушовски.

Доби прашање за иднината и судбината на Вардар, а одговорот беше оптимистички, иако моментната реалност не е таква.

-Имаме проблеми, неколку играчи го напуштија клубот. Се надевам на се најдобро за Вардар, тоа е бренд во нашата земја. Јас сум убеден дека и следната сезона, можеби не на ова ниво, но ќе игра повторно во ЛШ. Не е моја работа, но секојдневно со играчите се соочуваме со оваа ситуација. Наше е да тренираме, а имаме пет пивоти, четири крила и тројца голмани за направиме квалитетен тренинг. Но се надеваме на подобри денови за нашиот клуб, дополни вардаровиот тренер.

Вардарци сега се шестти, односно го имаат последниот билет за кон елиминациите во групата Б, но до крајот на групната фаза има уште едно коло, тоа носи и начин и надеж како „црвено-црните“ да се најдат на „петката“.

Потребно е да се исполнат два услови. Првиот е во Скопје, да одиграат за себе и да го победат Монпеље, додека вториот е да навиваат за Мешков Брест дека во „Викторија“ ќе триумфира над Порто.

Фото: Вардар

Треба да знаете
Последни објави