Search

Активисти за човекови права: Во Белорусија се приведени повеќе од 250 демонстранти

Повеќе од 250 лица се приведени во Белорусија за време на протестите во понеделникот, соопшти центарот за човекови права „Весна“, нерегистриран од белоруското Министерство за правда, пренесува ТАСС.

„На списокот на активисти за човекови права има 254 имиња заклучно со 20:00 часот и тој се ажурира. Повеќето беа приведени во Минск и Гродно, а има притворени и во Брест, Новополотск и Борисов”, се вели во соопштението.

Меѓу приведените има и студенти, кои го поддржаа повикот на опозицијата за штрајк на национално ниво. Во текот на денот, луѓето во Минск формираа т.н „синџири на солидарност“ и одржуваа протестни маршеви.

Неделата беше последниот ден од ултиматумот поставен од поранешната претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја на претседателот Александар Лукашенко. Барањата вклучуваа оставка на актуелниот претседател, слобода на политичките затвореници и прекинување на насилството.

Опозицијата ги повика работниците од индустриските претпријатија да започнат штрајк од понеделник во случај овие барања да не бидат задоволени.

Вработените во некои претпријатија престанаа да работат, но властите тврдат дека „сите претпријатија од реалниот сектор на економијата во Белорусија работат рутински и производствените линии не се запрени“.

Треба да знаете
Последни објави