Search

Адвокатот на обвинетиот Нинџа тврди дека не бил организатор, ниту пак бил во Собранието

Адвокатот на обвинетиот Нинџа тврди дека не бил организатор, ниту пак бил во Собранието

Адвокатот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, Оливер Вуксановиќ, во воведните зборови во судницата кажа дека ќе докаже оти неговиот браненик на 27 април не бил во Собранието за време на организираниот напад лани. Тој кажа дека не е точно обвинението оти Нинџа бил организатор, налогодавач и координатор на нападот на Собранието. Нинџа е еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок.

„Ќе ви ја претставиме шемата на движење на Александар Василевски, ниту влегол ниту бил во Собранието како што Обвинителството бомбастично најавува и дека Кољо и Нинџа го координирале нападот на Собранието. Ќе докажеме во доказна постапка дека Александар Василевски во тој период пиел кафе и уживал во ресторанот ‘Дион’ и кафулето „’Тренд’ за што може да има проблем само со неговата сопруга, а никако со државата за насилно рушење на уставниот поредок”, рече Вуксановиќ.

Како што стои во обвинението, групата од 68 лица предводена од Нинџа и Кољо се собирала во ресторанот „Дион“ на Кејот 13 Ноември. Додека се во ресторанот во два наврати обвинетите Никола Митревски-Кољо, Стефан Младеновски и Филип Спасовски купуваат 69 фантомки.

Адвокатот на Нинџа кажа дека Обвинителството тврди оти сè почнало дента со телефонскиот повик на Благоја Василевски со брат му Нинџа, но тој не бил повикан како сведок и дека тие го предложат да сведочи. Благоја Василевски беше обезбедување на екслидерот на ВМРИ-ДПМНЕ Никола Груевски додека тој на 27 април лани беше на службен пат во Виена.

Според обвинението, Благоја му се јавил на Нинџа околу 14.30 часот, по што почнала акцијата за напад на Собранието.

„Во 14.37 часот Благоја Василевски, телохранител на Никола Груевски, се јавува на неговиот брат Александар Василевски-Нинџа наводно да праша за здравјето на мајка им. По овој повик, почнуваат телефонски јавувања на Нинџа и Кољо“, рече обвинителката Вилма Русковска во воведните зборови на обвинението.

Треба да знаете
Последни објави