Search

ЕУ: Тензиите околу Тајван да се решаваат со дијалог

Европската унија денеска апелираше тензиите околу посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван да се решат со дијалог и каналите за комуникација со Кина да останат отворени, за да се избегне „опасноста што може да произлезе од погрешна проценка”.

-ЕУ има интерес да се зачува мирот и статус кво ситуацијата во Тајванскиот теснец. Ние се залагаме за мирно решавање на проблемот во теснецот. Тензиите треба да се решаваат со дијалог. Треба да се одржуваат соодветни канали на комуникација за да се намалат ризиците од погрешна проценка, изјави портпарол на ЕУ, пренесен од британските медиуми.

Портпаролот на ЕУ изјави дека „ЕУ јасно го поддржува политичкиот принцип на една Кина, признавајќи ја владата на Народна Република Кина како единствена легална влада на таа земја, а во исто време се стреми кон пријателски односи и блиска соработка. со Тајван”, наведуваат британските медиуми.

Кина оцени дека посетата на Пелоси на Тајван е закана за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и најави прекин на увозот на неколку земјоделски производи од Тајван.

Набрзо по пристигнувањето на Пелоси во Тајпеј, кинеската војска почна воздушни и поморски воени вежби во близина на Тајван и пробно лансираше конвенционални ракети во морето источно од островот, наведуваат британските медиуми.

Треба да знаете
Последни објави