Skip to main content
Балкан

Пуштено во употреба метрото во Солун

30/11/2024  16:03

По речиси 18 години од почетокот на изградбата, метрото во Солун од денеска е во функција, а беше пуштено во употреба, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во присуство на претседателката Катерина Сакеларопулу и надлежните министри, симболично го притисна копчето за почеток со што тргна и првото метро, јави дописничката на МИА од Атина.

MK Summit

Претходно се одржа свечена церемонија со присуство на државниот врв, додека пак пред дел од метро станиците беа насобрани граѓани кои и покрај дождот, чекаа да се отворат станиците за да го видат метрото и да се повозат.

Главната линија на метрото е во должина од 9,6 километри со два независни тунели со една насока, има 13 модерни станици, ќе сообраќаат 18 најсовремени автоматски метроа без возач, но со придружник, максималниот капацитет е 18.000 патници на час во еден правец.

Процените се дека дневниот патнички сообраќај ќе биде околу 240.000 патници, но и дека на солунските улици секојдневно ќе сообраќајот 57.000 возила помалку.

Со метрото, за 17 минути ќе се стигнува од едниот на другиот крај на градот, билетот ќе чини 60 центи и ќе важи 70 минути.

Дополнително, на станиците ќе бидат вклучени и археолошките откритија пронајдени за време на изградбата, а на станицата „Венизелос“ се на површина од 1.260 метри квадратн, со што, како што информираа од грчката Влада е меѓународно најголемиот археолошки локалитет вклучен во голем технички проект.

На свеченото отворање меѓу другите, говореа и новиот грчки еврокомесар за транспорт и туризам, како и грчкиот премиер.

Мицотакис откри дека во ноември следната година ќе заврши продолжувањето на метрото до Каламарија, сп што на мрежата ќе додадат уште 4,8 километри железничка пруга и пет нови станици и истакна дека метрото во Солун е „најсовременото метро во Европа“.

-Ова е опиплив проект, за кој сигурен сум дека многумина во градов до последен момент не веруваа дека ќе се случи. И еве, сепак се случи. Со други зборови, рековме дека ќе го сториме тоа и го сторивте. И е симбол на напредокот на Македонија и на цела Грција, посочи Мицотакис.

По свеченото отворање и пуштањето во употреба, Сакеларопулу, Мицотакис и членови на грчката Влада влегоа во метрото и се возеа неколку станици.