Skip to main content
Забава

Оригинален рецепт за традиционална баклава

18/10/2024  14:23

Баклавата е колач од ориентално потекло, кој се прави со редење кори од тенко сукано тесто, во неколку слоеви, помеѓу кои се додава смеса од мелени ореви и наизменично трошки тирит (смеса од брашно, путер и жолчка). Тиритот помешан со ореви дава посебен вкус, а еве како сето тоа да го направите.

Состојки:
– 1 тркалезна тепсија за колачи
– 1 кг кори за баклава
– 500 грама путер
– 1-2 лажици масло
– 800 грама мелени ореви
– 1 шолја шеќер за оревите
– 2 кг шеќер за преливот
– 2 литри вода
За тирит
– 1 јајце + 1 лажица путер + малку брашно

Подготовка:
Прво направете го тиритот. Јајцето и путерот изматете ги, па додадете го брашното додека не добиете ситни трошки. Дополнително иситнете со рацете и префрлете го во плех да се исуши. Ова можете да го направите неколку часа или еден ден пред да ја наредите баклавата. Измешајте го со мелени ореви и шолја шеќер кога ќе биде сув.

Растопете го путерот и отстранете ја белата пена бидејќи може да ѝ даде горчлив вкус на баклавата кога ќе се испече. Подмачкајте го дното на тавата и ставете 5 кори една врз друга – помеѓу нив можете да намачкате малку масло. Ставете ја смесата од ореви и тирит, па повторете ја постапката. На завршниот слој ставете 3-4 кори и намачкајте ги со масло. Баклавата исечкајте ја на парчиња кои ви одговараат и прелијте ја со преостанатиот путер, па оставете половина час да ја впие маснотијата.

Печете ја на 150 степени, а откако ќе порумени, намалете ја температурата на 130 степени, околу еден и пол до два часа.

Додека се пече баклавата, подгответе го преливот. Се мешаат шеќерот и водата во тенџере и се става да се варат. Откако ќе добиете малку леплива текстура (шербет), оставете да се излади – никако не смее да биде врел кога ќе го ставате врз баклавата. Извадете ја баклавата кога ќе биде готова и оставете ја малку да се излади. Залијте ја полека, од едниот до другиот крај на тепсијата. Оставете сѐ да се впие и подготвена е за послужување.