
Компанијата „Гугл“ од „Алфабет“ ќе инвестира најмалку 13 милијарди евра во инфраструктура за вештачка интелигенција во Финска во следните две години, потврди компанијата, што ќе биде нејзината најголема поединечна инвестиција во Европа, објави „Ројтерс“ .
Стратешки избор на локација
Финска стана исклучително привлечна локација за центри за податоци. Компании како „Мајкрософт“ и сопственикот на „ТикТок“, „БајтДанс“, се стремат да ги намалат трошоците за енергија и да ги исполнат климатските цели таму. Студената клима го прави ладењето на системите поевтино, а земјата има и големи количини електрична енергија со ниска емисија на јаглерод.
Оваа инвестиција е дел од поширока стратегија, бидејќи „Алфабет“ ги зголеми своите глобални инвестиции оваа година на помеѓу 195 и 205 милијарди долари за да ја задоволи растечката побарувачка за компјутерска моќ.
Опсег на проектот и економско влијание
Инвестицијата, која ќе биде направена во 2027 и 2028 година, ќе вклучува изградба на центри за податоци, подобрување на електричната мрежа и проекти за чиста енергија и батерии. „Гугл“ соопшти дека ресурсите ќе напојуваат услуги како што се „Џемини“, „Серч“, „Мапс“ и „Јутјуб“.
„Новата дигитална инфраструктура ќе служи како основа за дигитална подготвеност, иновации и развој на вештачка интелигенција во Финска, но и низ цела Европа“, соопшти компанијата.
Гугл проценува дека проектот ќе придонесе околу 3,6 милијарди долари во бруто-домашниот производ на Финска за време на фазата на изградба, додека откако системот ќе биде ставен во функција, ќе поддржува околу 7.000 работни места годишно.
Финскиот премиер Петери Орпо коментираше дека одлуката на Google е „јасен доказ за нашите силни страни“. Тој додаде дека вредноста на економијата на податоци оди подалеку од директните инвестиции бидејќи ги стимулира иновациите, истражувањето и развојот.



