Skip to main content
Македонија

Од ноември завршува замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти – Ќе има ли нов бран покачување?

23/10/2024  13:41

Есенската потрошувачка кошничка, мерка со која Владата се обиде да го намали и да го контролира трендот на зголемување на цените на основните прехранбени производи, го губи своето дејство на крајот на овој месец кога таа мерка завршува, по што трговците ќе можат слободно да ги формираат цените на производите кои сега се ограничени, иако, треба да се прилагодат на Законот за нефер трговски практики.

Сега се поставува прашањето дали завршувањето на важноста на мерката ќе доведе до нов бран на зголемување на цените, или пак, како што претходно најавија од Министерството за економија, мерката ќе продолжи со Божиќна, односно новогодишна потрошувачка кошничка, а потоа со Велигденска, Рамазанска и тн, останува да се види. Исто така, многу се очекува и од спроведувањето на Законот за нефер трговски практики.

Со владината одлука досега намалени се цените на 73 основни прехранбени производи, но како што многупати камерата на 24Инфо ги анкетираше граѓаните, речиси сите потврдуваа дека во пракса намалување речиси и да нема, односно тие не го чувствуваат намалувањето при купување во маркетите или пазарите.

Според последните податоци на Сојузот на синдикати пак, оваа мерка придонесе минималните трошоци во рамки на таканарчената синдикална кошничка на едно семејство во октомври да се намаленат за само 57 денари. Некои тоа го сметаат за победа, некои за пораз. Останува да видиме какви ќе бидат цените во месец ноември.