Skip to main content
Скопје

Меѓународна конференција за настава по англиски јазик во Скопје

25/10/2024  08:06

Во Музејот на македонската борба за самостојност во 9, 30 часот почнува 13. меѓународна конференција за настава по англиски јазик „Нови предизвици, нови перспективи“ (New challenges, new perspectives). Таа ќе трае денеска и утре и е во рамки на одбележување 25 години на „Елтам мк“, невладина, непрофитна асоцијација на наставници по англиски јазик како странски јазик во Република Северна Македонија, поврзана со IATEFL (Меѓународната асоцијација на наставници по англиски како странски јазик) и TESOL international (Настава по англиски јазик на говорители на други јазици), информираат организаторите.

– Воедно, на овој настан ќе ја промовираме и нашата монографија под наслов „Историја на наставата по англиски јазик во Република Македонија до 2024 година“ која го отсликува работењето на ELT заедницата во земјава, се наведува во соопштението на „Елтам мк“.

Како што се појаснува, на конференцијата ќе имаат излагања реномирани меѓународни предавачи, универзитетски професори и обучувачи од ELT сферата, а ќе земат учество наставнивници и едукатори од земјата и регионот. Таа претставува одлична можност, се додава во соопштението, учесниците да се запознаат со новитетите во областа на ELT, да споделат искуства и идеи што би ги примениле понатаму во наставата и би ги збогатиле наставните содржини.

– „Елтам мк“ е основана во 1999 година. Таа претставува своевиден форум што ги обединува професионалците од доменот на ELT (настава по англиски јазик) од цела Македонија ангажирани во наставата, проучувањето и пренесувањето на истражувањата за англискиот јазик и литература во методолошки контекст. Нејзината примарна цел е да ја поттикне меѓусебната поддршка и да ги направи достапни можностите за професионален развој на своите членови, со цел да се подобри наставата по англиски јазик во земјата и да се подигне нивото на учење и усвојување на англискиот јазик низ широк спектар на македонски професионалци, кои работат во различни институции и на различни нивоа, се додава во соопштението.